Совети од жена што има заштедено пола милион долари

Има 56 години и споделува што би ѝ кажала на 22-годишната верзија од себе.

Се вика Синтија. Има 56 години, нема долгови, во среќен брак е, има две возрасни деца и консалтинг-бизнис што ѝ ги плаќа сметките.

И 500.000 долари заштеда.

Иако на прв поглед сето ова звучи идеално, нејзиниот пат не бил без предизвици и вреди да се прочита замислениот разговор што таа би сакала да го има со Синтија на 20.

1. Штеди сега за да купиш подоцна
Првата работна позиција ѝ била во продажба и ѝ носела 200.000 долари годишно. Со годишни бонуси заработувала повеќе од половина милион годишно. Како успеваш да се зезнеш со толку пари на годишно ниво? Проблемот бил што имала малку коцкарски менталитет. Наместо прво да направи стабилна заштеда за да си ги подржи целите во животот, како на пример, да купи куќа, почнала да инвестира во стартапи. Таа одлука ја спречила да заштеди доволно за учество, а тоа знае да бара години штедење. За тие што не можат да замислат колку пари можат да се изгубат со погрешни инвестиции, без разлика колку заработуваш еве пример - Синтија и нејзиниот сопруг сè уште изнајмуваат. За тоа сепак вели дека знае да има и придобивки: Имаш флексибилност да се преселиш кога сакаш, без разлика дали е за работа или желба да видиш свет. Не си заглавен со 30-годишна хипотека, или даноци на имот и поправки и реновирања. Советот е сепак ограничен - како што стојат работите во моментов, излегува дека кога и да сте купиле стан во државава, ако го продадете за да „видите свет“ - во ќар сте.

2. Одредувањето буџет не ви го ограничува животот, туку ве ослободува
На времето, земала повеќе кредитни картички без лимит за трошење. На 25 веќе имала долг од 200.000 долари, живеејќи живот што не може да си го дозволи, додека студентскиот долг ѝ растел. Нејзината помлада верзија била зависна од финансиски ризици и нездрав однос со парите. Додека растела, дома не се дискутирало ни како се штеди, ни како се планира буџет. Откако се омажила, не почнала веднаш мудро - на сопругот гледала како сигурносна мрежа. Бил постабилен со неговите финансии, па нејзе ѝ се чинело дека може и повеќе да ризикува. Ваквиот мајндсет траел до децата. Со сопругот се фатиле како позајмуваат пари за да ги издржат трошоците, а долгот им пораснал. Стресот дополнително ги оштетил и им ги оддалечил финансиските цели, па и студиите на децата.

Лекцијата овде е дека буџет мора да се планира. Зависи од приходите и потребите на семејството, но сепак, првите 10 проценти од платата треба да одат во елиминирање на долговите.

3. Коцкањето не значи инвестирање
Инвестирањето во стартапи е долгорочна игра и бара седум до десет години за да се исплати, под услов да имате доволно финансии за таков подвиг. Неверојатно е ризично и не секоја инвестиција носи пари. Повеќето стартапи во кои Синтија инвестирала пропаднале, што било тежок финансиски удар бидејќи често секој долар го инвестирала во нив. Се убедувала себеси дека „следното“ ќе ми ги покрие сите грешки, па иронично, станала експерт за ваков тип на инвестиции. Сепак, дури и со софистицирано познавање на правецот, немала познавања од лично финансиско планирање.

Лекцијата: За секоја инвестиција ти треба силна парична основа и колку си постар и поблиску до пензија, толку повеќе треба да имаш обични пари на сметка. Кога ќе имаш фино купче пари, тогаш можеш да пробаш да инвестираш во различни висококвалитетни акции кои исплаќаат дивиденди. Кај нас, бидејќи околу стартапи сме назад со материјалот, инвестиции се фаќаат во други правци, но „правилата“ сè уште важат - не мора до последен денар, ако е ризично.

4. Помири се дека парите се емотивна работа
Нејзиното зависничко однесување со финансиските ризици било константен ролеркостер од висини и дна, што пак ѝ ја поматило способноста да ги прифати бенефитите на финансиското планирање. Немала конкретни јасно поставени цели за 30, 40, 50 години, не била искрена со себе околу чекорите што требала да ги преземе за да не должи, или да заштеди за живеалиште. Најдобриот начин да се победи емотивната несигурност околу парите е да се погледнат факторите кои влијаат на трошењето. Зошто сте несреќни околу финансиската ситуација? Кој страв влијае на носењето одлуки?

Лекцијата е дека се потребни долгорочни цели и разгледување на опции со кои би се постигнале, со планирање на трошење и инвестирање, без притоа да се избега од реалните можности. И според неа, најбезбедно е прво да се заштитат финансиите, па потоа да се ризикува.

Сите спомнати проблеми често можат да се поврзат со еден непријатен феномен, својствен за нашето поднебје - пуштање на нозете многу подалеку отколку што ти е чергата, што често води до минуси и долгови, а многу ретко, главно во „филмски“ случаи е оправдано. Размислувањето за главните причини поради кои го правиме тоа и планирањето буџет можат многу да спасат од нервози.

19 декември 2022 - 12:01