Дубаи ќе издржи, ама тешко дека ќе го врати имиџот

ОАЕ со години се продаваа пред странците како сончева, безбедна оаза ослободена од даноци. Таа мирна слика се распадна во саботата кога заврна дожд од ирански оружја врз гламурот, мирот и Инстаграм-совршенството на Дубаи и Абу Даби.

Иран ги нападна Емиратите и уште некои комшии кога враќаше на ударите на САД и Израел и предизвика хаос и страв во место што до саботата беше предвидливо мирно.

„Ова е најлошиот кошмар на Дубаи бидејќи неговата суштина зависеше од тоа да биде безбедна оаза во проблематичен регион,“ напиша на Икс Чинциа Бјанко, експерт за Персискиот залив во Европскиот совет за надворешни работи. „Може да има начин да се издржи, но нема назад.“

Властите се обидоа да ги утешат жителите и посетителите дека системот за воздушна одбрана е еден од најдобрите во светот и дека се чуваат од дронови и ракети.

„Знам дека е страшно за многу жители,“ рече министерот за меѓународна соработка Рим Ал Хашими. „Ние обично не слушаме вакви гласни звуци. Но, сепак, ова се звуци на пресретнување на нападите. А, таму каде што има штета, тоа е главно отпаден материјал од оружјата.“

Исходот од нападите ги поткопа напорите на Емиратите да ги смират тензиите со Иран и покрај долгогодишните сомнежи. Амбасадата во Техеран ја затворија во неделата.

Седумте емирати се потпираа на имиџот на оаза на мирот за да привлечат богати туристи, бизнисмени и идни жители кои би сакале да живеат во луксуз без даноци, во пустина покрај море. Речиси 90 проценти од проценетите 11 милиони жители се странци. Агенции за недвижности продаваа блескави висококатници и вили со базени за богати Европјани и Американци, промовирајќи поволна клима и позитивни бизнис-политики, притоа фалејќи се дека се една од најбезбедните локации на планетата.

После стотици напади со дронови и ракети, таа репутација е разнишана. Инфлуенсерите веќе не се фалат со од сонце позлатени пејсажи, снимени од коли што повеќе личат на двособен стан - снимаат ракети на небо.

Некои од лидерите тргнаа да пијат кафиња по моловите, за да прикажат дека е безбедно и дека нема потреба од страв, во обид колку-толку да ја спасат репутацијата.

И имаше една симпатична иницијатива, каде што луѓе од цел свет  што решиле Дубаи да го направат свој дом, објавуваа постер со „Ја избравме оваа земја и стоиме зад неа.“

Инфлуенсери речиси веднаш почнаа да објавуваат видеа каде што се убедуваа меѓу себе, па потоа светот - дека се безбедни.

Сепак, тешко дека може 100% назад на она што беше Дубаи.

4 март 2026 - 08:14