
Пишува за Спајкд: Алби Аманкона
Ајде да почнеме со тоа што не мора ни да се каже: белец да нарече црнец „нигер“ е една од најрасистичките и најнавредливи работи што може да ги направи. Тој збор носи векови деградација и насилство зад себе и кога беше упатен кон два црни актери што стоеја на една од најпрестижните сцени во Британија, слетa со целата сила на таа историја.
Кога активистот за Туретов синдром Џон Дејвидсон компулсивно го извика кон Мајкл Б. Џордан и Делрој Линдо - ѕвездите на Sinners на БАФТА минатиот месец, беше ужасно. Како црн Британец, се штрекнав. Наводно, Дејвидсон ѝ викнал така и на Хана Бичлер, дизајнерка на продукција на Sinners. Фактот што Дејвидсон беше присутен таму за да го прослави филмот за неговиот живот, I Swear, не го омекна првичниот удар.
Не сум особено воодушевен ни кога црнци го користат зборот. Го разбирам аргументот за присвојување. Ја разбирам културолошката нијанса. Ќе признаам и дека има нешто електрично на журка каде што само јас и другите црни гости ќе викнеме nigga кога свири Niggas in Paris на Канје Вест и Џеј Зи. Има една споделена културна енергија таму, едно чувство на сопственост врз јазик исклесан преку историја, во кој белците не можат да учествуваат.
Но, симптомите на Туретовиот синдром - кои во случајот на Дејвидсон вклучуваат и расни навреди - не препознаваат контекст. Не се адаптираат на расните политики во просторијата. Тоа што Дејвидсон го извика беше тик. Не беше идеолошко и не беше акт на омраза.
По инцидентот, Дејвидсон се извини. Драго ми е што е така, и го ценам тоа. Истовремено, не очекуваме од човек со скршена нога да се извини што користи штаки, ниту бараме жалење од глув човек на кој му треба знаковен јазик. По таа логика, Дејвидсон требаше да не мора воопшто да се извинува.
Ако некој има за одговарање, тоа се Бибиси, кои не ја исекоа навредата од емитувањето. Иако Бибиси се совршено способни за уредничка интервенција кога така им одговара. На Акинола Дејвис Џуниор му ги исекоа коментарите „Слободна Палестина“ од говорот, наводно поради заштеда на време. Политичкиот говор кога ќе се процени како неприкладен може хируршки да се отстрани. А сепак, кога ќе се извика ненамерна навреда, се остава.
Реакцијата на навредата исто така многу кажува. Оваа недела ги имавме наградите NAACP во САД, емитувани на BET. Во просторија полна со црна холивудска елита, комичарот Деон Кол го спомна инцидентот со Турет директно.
„Ако има некои белци во просторијава со Турет,“ рече тој, „кажете им да внимаваат каде се наоѓаат... Може да не помине како што мислат.“
Потоа предложи и дека ако има луѓе со Турет, да си ги појачаат лековите. Публиката се смееше.
Може беше шега, но рефлектираше пораширена реакција на извикот на Дејвидсон и на Твитер се појавија коментари дека тој потајно го мислел тоа што го кажал на БАФТА.
Да му кажеш на некој со Турет дека треба „да внимава каде се наоѓа“, претпоставува контрола; да налагаш дека треба да земе поголема доза лекови имплицира вина. Нели тоа овие ѕвезди инаку би го нарекле „ејблизам“?
(ableism - дискриминација врз основа на попреченост, кај нас има и обид да се внесе преводот способнизам - ставови и практики кои ги фаворизираат лицата без попреченост и ги дискриминираат, маргинализираат или обезвреднуваат лицата со попреченост)
И со тоа „Може да не помине како што мислат“, како да сака да каже дека да продолжел Дејвидсон со тиковите на БАФТА, може немало веќе да биде толку цивилизирана реакцијата.
Замислете обратна демографија: Соба полна бели холивудски ѕвезди, како се шегуваат дека црнец-инвалид требало повнимателно да се анестезира пред настан, налагајќи дека ако му се испушти нешто, нема добро да помине. Реакцијата би била брза и многу бесна. Но, бидејќи беше белец-инвалид, нема потресување. Холивудски милионери се смеат на Шкот со посебни потреби од работничка класа и го нарекуваат тоа социјална правда.
Комичарите смеат да се шегуваат за што сакаат, но двојните стандарди овде се запрепастувачки - и сето ова од холивудски сет што се вреѓа од што стигне.
Овде има хиерархија. Некои идентитети се третираат како свети; некои се слободни за напаѓање. Инвалидитетот бара сериозност само кога се совпаѓа со одобрените политики во моментот. Ако си бел, маж и работничка класа, твоето достоинство станува ствар на преговори.
Не ја намалувам тежината на зборот на Н. Повредува. Но принципите што се применуваат само кога е политички адекватно воопшто не се принципи. Луѓето со инвалидитет се најголемото малцинство во светот и многу од нас, поради возраст, болест или несреќа може да се приклучат. Да се гледа како Холивуд „му се собира“ на инвалид ми создава поголема неудобност од Џон Дејвидсон кога извика ненамерна расистичка навреда на БАФТА.
Освестената идеологија што го владее Холивуд оперира на хиерархија на опресија. Некои групи се апсолутно заштитени; други селективно. Тие што проповедаат разноликост и толеранција, а притоа простуваат дискриминација кога така им одговара не се морални лидери. Тоа се лицемери и не се ништо подобри од шовинистите на кои тврдат дека им се спротиставуваат.