
Само комплетно бесчувствителен човек би ја негирал спасувачката улога што терапијата може да ја има кај луѓе со сериозни психички проблеми. За некои, пак, е едноставно корисна или пријатна од лични причини - и тоа е сосема во ред. „Како ти е арно - така,“ како што се вели.
Но ако гледаме пошироко, впечатокот е дека културата околу терапијата како да има повеќе проблеми отколку решенија.
Што друго да заклучи човек кога Меган Маркл - една од најпривилегираните и најразгалени жени на светот - минатата недела објави на Инстаграм дека „најтешките седум години“ од нејзиниот живот конечно завршиле? Тоа се истите седум години во кои стана војвотка, роди две здрави деца и замени кралска резиденција со вила вредна 29 милиони долари во Калифорнија. Претходно беше објавено и дека принцот Хари потрошил „богатство“ на терапија за својата сопруга, за полесно да навлезе во мајчинството. И што точно се постигна со тоа?
Каков и да е одговорот, очигледно е дека денес луѓето не можат да се заситат од терапија. Сè повеќе луѓе ги напуштаат старите професии и се преквалификуваат во психоаналитичари - метод што повторно стана модерен, односно, како што напиша Њујорк Тајмс, живееме во „нов психоаналитички момент“. Лично познавам најмалку тројца луѓе од својата генерација кои се обучуваат за психоанализа: двајца по Јунг, еден по Фројд.
Секако, не сум прва што ја критикува терапевтската култура. Новинарката Есме Хјуит неодамна напиша текст со наслов: „Пробав терапија, но само ме направи преокупирана со самата себе“. Американската авторка Абигејл Шрир во својата книга Bad Therapy анализира како „лошата терапија создава претерана фокусираност на сопствените емоции, што дополнително ги влошува симптомите“.
Уште во 1963 година, Бети Фридан во The Feminine Mystique го обвинила фројдизмот дека ги заробува жените со идеи за нивната наводна пасивност. Дури и интелигентни жени - можеби особено интелигентни жени - целосно поверувале во тие теории и, несвесно, си изградиле сопствени кафези.
Признавам дека и самата поминав низ години терапија. Почнав во раните дваесетти, поради несоница што ме мачеше цел живот. Но кај терапевт длабоко навлезен во фројдовските идеи, разговорите брзо станаа за „сè и ништо“. Ме нервираа бескрајните прашања - тие мали психолошки стрелички со кои терапевтот се обидуваше да извлече некаква скриена вистина. На крај го заменив со друг, уште полош. Ми беше шокантно колку потешко ми беше да им ги објаснам сопствените мисли и незадоволства на тие постари мажи отколку на пријателите. А притоа и плаќав за тоа.
Еден од проблемите е интелигенцијата: на луѓе кои имаат барем малку емоционална и интелектуална самосвест, често им изгледа како терапевтот да заостанува десет чекори зад нив. Арогантно звучи, но повеќе од еднаш сум почувствувала дека тие треба мене да ми плаќаат за времето.
Сепак, признавам и дека сум имала и добро искуство. Во период кога се борев со опсесивни мисли што не можев да ги контролирам, добив помош од клинички психолог што навистина ми помогна. Токму таа прва ми објасни дека не секоја мисла што ќе ја произведе мозокот е автоматски вистина.
Подоцна, терапевтката се пресели во Италија и влезе во култ, а мене ми беше добро и без неа.

Во меѓувреме, повторно се враќав на терапија, понекогаш и на КБТ (когнитивно-бихејвиорална) и слични методи. Но со тек на време сфатив дека од сето тоа изгубив илјадници фунти и многу саати - без вистинска промена.
Имав момент во Италија кога сфатив дека веќе не можам да поднесам уште едно парче пармезан. Сличен момент имав неодамна и со терапијата. Кога побарав помош за конкретно прашање, сфатив дека двајцата терапевти што ги посетив не можат да понудат ништо освен „слушање“.
Денес, зборувањето за чувства е речиси задолжително во западниот свет - емоциите добија статус на аргумент што може да запре секаква дебата. Пријателите природно се интересираат за чувствата на блиските - дури и мажите - па затоа за повеќето луѓе терапевтите би требало да бидат излишни. Наместо тоа, нивниот број расте, додека јавните здравствени системи не можат да одговорат ни на најитните психијатриски потреби кај сиромашните и сериозно болните пациенти.
Често се навраќам на студија од 2006 година, според која девојчињата имаат поголема склоност кон депресија од момчињата затоа што повеќе ги „преживуваат“ проблемите низ разговори со пријатели и постојано враќање на негативните чувства. Не е потребна нуклеарна физика за човек да сфати дека бескрајното копање по сопствените болни емоции и претворањето на настаните во психодрами е примамливо - но нездраво.
Многу терапевти токму на таа потреба и опстојуваат.
Време е човек понекогаш едноставно да стане и да си замине. На крајот на краиштата, сите веќе имаме свој кауч дома - и тој е бесплатен.
-Зои Стримпел, Спектатор