
На прв поглед звучи рамнодушно, дури и малку дрско. Кого да пуштиш? И зошто би ги пуштал? Но зад едноставната фраза се крие филозофија што може значително да го намали стресот и да помогне во поставување поздрави граници.
Концептот го популаризираше мотивациската говорничка и авторка Мел Робинс, во книгата The Let Them Theory. Основната идеја е едноставна: наместо постојано да се обидувате да ги контролирате другите луѓе, нивните реакции и избори, прифатете дека тие ќе постапуваат според сопствените вредности и приоритети. Вашата задача не е да ги „поправате“, туку да одлучите како ќе реагирате на тоа што тие го покажуваат.
Психијатарката Нона Кочер објаснува дека ова не е клинички модел, туку практична филозофија за емоционални граници. Кога некој со своето однесување ти покажува кој е - доцни, откажува планови, не вложува ист напор како тебе - наместо да трошиш енергија објаснувајќи, убедувајќи или спасувајќи, едноставно го „пушташ“. Неговиот избор е информација, а не проблем што мора да го решиш.
Суштинската мантра на оваа теорија може да се сумира вака: туѓиот избор е податок за вас, а не ваша задача за решавање. Овој пристап особено им користи на луѓе што често преземаат премногу одговорност за туѓите чувства или се исцрпуваат обидувајќи се да одржат рамнотежа во односите. Наместо да влегувате во постојана состојба на напнатост, учите да го контролирате само својот дел од равенката.
Психолошките придобивки се значајни, затоа што кога престанувате да ги микроменаџирате туѓите реакции, телото не е повеќе во постојана состојба на аларм. Стресот се намалува, а со него и чувството на огорченост што често произлегува од прекумерно давање. Наместо да се прашувате зошто некој не возвраќа со ист интензитет, почнувате да ја прифаќате реалноста таква каква што е - и да носите одлуки што ве штитат.
Во професионален контекст, ова значи дека ако колега постојано доцни со рокови, не мора вечно да ги чистите неговите пропусти. Го поставувате својот стандард и дозволувате неговиот начин на работа да зборува сам за себе. Во романтични односи, ако личноста со која се гледате често откажува или вложува минимален труд, наместо да бркате објаснувања, запирате, ако треба правите и чекор назад и набљудувате. Конзистентноста - или нејзиното отсуство - ви кажува сè што треба да знаете.
Во родителството, „Пушти ги“ не значи негрижа, туку дозволување природните последици да бидат учител. Ако тинејџерот заборави нешто важно, не мора секогаш да спасувате ситуација. Така ја делите одговорноста и ги охрабрувате децата да учат од сопственото искуство.
Сепак, важно е оваа филозофија да не премине во емоционално повлекување. Ако „Пушти ги“ се претвори во „ми е гајле“, може да доведе до дистанца и пропуштени шанси за искрена комуникација. Здравата верзија подразбира јасни граници, но и отворен разговор кога е потребно.
На крајот, теоријата Let Them не е повик на рамнодушност, туку на зрелост. Нè потсетува дека не можеме да ги контролираме другите, но можеме да избереме колку од сопствената енергија ќе вложиме. И таму лежи мирот.