Ашковски потпиша за иранскиот клуб Мес Рафсанџан во средината од јануари и по само месец и пол беше принуден да замине поради бомбашките напади од страна на САД и Израел.
Сè почнало на 28 февруари кога клупски колега му покажал видео од оган во Техеран, а претходно се шегувал со него дека Трамп ќе напаѓа. Само неколку мигови подоцна снемало интернет, по што Стефан не можал да контактира со семејството.
Визата му била истечена, а пасошот му бил оставен во хотел за беља близу местото каде што беше убиен ајатолахот Хаменеи во Техеран.
Прво се соочил со полициски и воени блокади во тој реон, во обид да стигне до пасошот, а потоа барал начин како да стигне до турска граница за која се потребни околу 15 часа со кола.
Јасир Асани, кој важи за ѕвезда во Иран, го задолжил својот возач Мердар да се погрижи за Ашковски и во тие критични моменти му рекол дека ќе го вози до граница. Претходно Иранецот отишол до дома за да ги собере жената и детето кои се спакувале за бегство.
2-3 часа им биле требни само за да излезат од Техеран кој бил блокиран од колони со возила, кои бегале подалеку од градот каде летаат бомби.
После долг пат пат до граница, уморен и нејаден, Ашковски се соочил со нов проблем. Турските граничари не сакале да го пуштат со образложение дека е илегално да го напушти Иран со истечена виза. Барале од него да се врати во Техеран за да ја извади, а тоа би значело минимум 30 часа пат со кола во два правци.
Целата голгота во детали, како и поминувањето на турската граница со помош на притисоци од амбасада, Стефан Ашковски ја раскажа во подкастот на ФФМ.
Стефан Ашковски и Јасир Асани по напуштањето на Иран заедно го следеа дербито меѓу Вардар и Шкендија.

Фото: sportsport.mk