
Смртта на Немесио „Ел Менчо“ Осегера Сервантес, долгогодишниот лидер на Cártel Jalisco Nueva Generación, на 22 февруари веднаш беше претставена како пад на уште еден нарко-бос. Се нагледавме слики од престрелки, запалени возила; се начитавме стравувања од борба за превласт, а аналитичарите зборуваа за вакуум на моќ и можно слабеење на еден од најсилните мексикански картели.
Но ваквата рамка фокусирана на еден хипер-насилен машки лик на врвот на пирамидата - повеќе открива како јавноста го замислува организираниот криминал, отколку како тој навистина функционира.
Картелите не опстојуваат само преку спектакл и бруталност. Преживуваат затоа што некој ги движи парите, ги пере профитите, управува со имотот и ги одржува легалните бизнис-фасади зад кои стои криминалниот капитал. Во случајот со CJNG, таа улога, според обвиненијата на властите, не била само на Ел Менчо, туку и на неговата сопруга, Росалинда Гонсалес Валенсија.
Во медиумите често нарекувана „Ла Хефа“ - шпанска форма за „шефица“ - Гонсалес ретко се опишува надвор од односот со сопругот. Но нејзината позиција била посложена. Таа потекнува од семејството Валенсија, историски поврзано со мрежата „Лос Куинис“, структура длабоко вградена во финансиските операции на картелот. Според обвиненијата, управувала со десетици компании, недвижности и фиктивни фирми поврзани со перење пари. Беше уапсена повеќепати и во 2021 година осудена на пет години затвор за перење пари, од каде беше ослободена лани поради добро однесување. Ако Ел Менчо го претставуваше насилното лице на картелот, тогаш неговата сопруга, барем според истрагите, била неговиот економски ‘рбет.
Токму тука родот станува клучен. Организираниот криминал често се прикажува како простор на нагласена машкост: оружје, територија, сила. Жените во тие приказни се појавуваат како жртви, партнерки или декоративни фигури. Дури и кога се обвинети, најчесто се опишуваат како „сопруга на“, „ќерка на“ или „партнерка на“. Сепак, многу криминални структури функционираат како некој вид роднински капитализам, каде што семејството не е само емотивна врска, туку стратегија. Во такви системи, брачните партнери не се баш споредни фигури - можат да бидат клучни за одржување на довербата, тајноста и финансиската стабилност. Лојалноста се гарантира преку крвни врски, а управувањето со средствата е продолжение на моќта, не нејзина маргина.
Извештај на International Crisis Group од 2023 година укажува дека финансиските структури во многу картели се длабоко родово обележани. Насилството може да освојува територии, но финансиите управуваат со нив. Тоа не значи романтизирање на улогата на жените во криминалот, ниту сугерира еманципација преку криминална моќ, напротив - истите структури што им овозможуваат на одредени жени да стекнат финансиско влијание често се одговорни и за екстремно насилство врз други жени, вклучително и фемицид и сексуална експлоатација.
Смртта на Ел Менчо ја отвора токму таа противречност. Кога државата го елиминира јавниот лидер, често се претпоставува дека организацијата ќе се распадне, но картелите не се изградени само околу една фигура. Прашањето не е само кој ќе го земе оружјето, туку кој ќе ги води сметките, кој ќе ги одржува компаниите-фасади, кој ќе ги трансформира нелегалните профити во легален капитал? Овие процеси одредуваат дали организацијата ќе се распадне или ќе се прилагоди.
Историјата нуди паралели. Во Италија, Рафаела Д’Алтерио, поврзана со Камора, според истрагите ја одржала оперативната и финансиската кохерентност на својот клан по смртта на сопругот, и тоа не преку спектакуларно насилство, туку преку административна контрола и мрежи на сојузништво.
Стратегиите за „обезглавување“ на картелите се симболично моќни, но често почиваат на претпоставката дека криминалните организации зависат од еден маж и тоа вертикално. А реално, ако финансиското управување и семејните мрежи останат недопрени, системот може да се регенерира.
Моќта во организираниот криминал не е само во оружјето и раката што го држи, туку го има и во канцелариите, во деловодните книги и во семејните мрежи - каде што, без разлика дали ќе им признаат или не - жените понекогаш стојат во самиот центар на системот.