Главно локалците беа поразголени од нас. Ние на локално ниво, нешто сме се навикнале на некоја „пристојност“ веројатно, па сите тие кроп-топови и гаќа-панталони ми беа уште еден показател дека не сум во Скопје.
Носат патики. Никој не изгледа како на Инстаграм, освен луѓе специјално излезени и дотерани за сликање на Инстаграм.
Неисе, ние сме туристи во Виена, се разбира. Како такви, одлучуваме да седнеме во „Хотел Сахер“ и да јадеме парче торта од 9 евра. До нас, семејство од повозрасни мајка и татко и син од некои 20-25 години. Зборуваат руски. Почнуваме да се шалиме дали Виена им е новиот Лондон. Па, заклучуваме дека може претеруваме и дека може се обични руски туристи на крајно туристичка локација во Виена. Сигурно староседелци не седат таму, они си имаат рецепти за Сахер од бабите.
Пет минути покасно, се вклучува и (веројатно) ќерка, можеби околу 30-годишна, коса во пунџа, бела кошула со некои финтаџиски ракави, обични фармерки и - папучи.
Нов муабет - кошулата изгледа и како 20 евра и како 2000 евра. И како Зара и како Гучи. Лицето е хируршки средено. Фармерките се или ноу-нејм, или нешто бесно како Сисли.
Ама па, дечкото е во тренерки. Мистерија.
И за кратко - откровение. Другарка ми вика, „не, не се обични туристи, папучите се една фирма што сега не можам да ти ја кажам затоа што ќе нè разберат.“
Ниту во тој момент, ниту сега не е битно дали беа руски милионери, дали ќе нè разбереа ако кажевме „Ермес“ и што се случило со нив откако се оддалечивме. Набљудувањето на недолжни минувачи низ еден од главните градови во Европа, меѓу две вилушки Сахер, отвора една модна тема - носливи ли се папучиве и сите нивни копии од Асос до Скопска чаршија?
Затоа што, може ли да си признаеме дека се малце како за по двор?
Како за поливање цвеќиња?
Како за натнување кога ќе ти се јави мајка ти „дојди до кола да ми помогнеш со торбите“?
Како стигна ова „папуче“ да биде последен моден крик? Ни штикла, ни линија, ни бутур.
А сепак…
Во потрага по нешто што што е можно помалку ќе го чувствуваш на нога, најлесно што може, најминимално што може, дали, барем за лето 2022 - ова е одговорот?
Во тие на Ермес има нешто јако. Или па, брендот поминал доволно време во пласирање себеси како нешто врхунско и сега тоа ни влијае.
Сепак, на другата страна од кантарот тежи нешто друго:
„На нас ни се гадни затоа што сме виделе ЧИК Куманово.“
-Катерина Шошко, писателка и колешка по набљудување луѓе во Виена
Да, ама жешко е. И има нешто привлечно во идејата да носиш нешто што е за по дома, а никој да не може да те гледа попреку, затоа што, јеби га, трендот е таков.
Значи, со папучи за миење двор низ Виена, да или не?
Еве, одлучете сами:
И се разбира, можеби - Chic! Куманово?