
Во последниве неколку години се случува тивка, но драматична културна промена: младите имаат помалку секс од која било генерација во модерната историја. Истовремено, консумацијата на алкохол кај оваа група драстично опаѓа - за повеќе од 50 проценти во споредба со претходните децении, со дополнителен пад меѓу 2023 и 2025 година.
Истражувањата покажуваат дека трендот на намалено пиење започнал уште околу 2000 година, што особено ја погодува Генерација З (родени помеѓу 1997 и 2012 година) и дел од миленијалците. Според Националниот институт за злоупотреба на алкохол во САД, младите денес почесто го перципираат алкохолот како ризик за здравјето и се поподготвени на периоди на апстиненција.
Променети се и социјалните навики. Алкохолот традиционално е друштвен опијат - поврзан со излегувања, дружби и физичко присуство. Времето поминато со пријатели лице в лице е значително опаднато во последните две децении, а осаменоста денес е една од најчесто пријавуваните закани за менталното здравје кај младите.
Податоците за сексуалната активност ја следат истата линија. Во раните 1990-ти повеќе од половина средношколци во САД изјавувале дека се сексуално активни. До 2017 бројката паднала под 40 проценти, а во 2023 дошла до околу 31 процент.
Паралелно со тоа, стапката на наталитет е на историски минимум. За стабилна популација потребни се околу 2,1 деца по жена; моменталната стапка во САД е значително пониска. Сличен пад се бележи и во други земји, вклучително и во Кина, каде демографските аналитичари предупредуваат на сериозни долгорочни последици.
Не е една причина, а не ни црно-бело.
Како прво, паметните телефони и апликациите за запознавање првично се сметаа за алатки што ќе ја зголемат интимната поврзаност, а наместо тоа, се појави феноменот на „парализа од избор“ - кога премногу опции го отежнуваат носењето одлука. Социјалните мрежи дополнително ја искривуваат перцепцијата на реалноста, создавајќи идеализирани стандарди кои реалните односи тешко ги достигнуваат.

Пандемијата исто така одигра улога. Изолацијата беше нормализирана, а младите кои во тинејџерските години беа затворени дома сега влегуваат во зрелост со поинакви социјални навики. Таков е случајот со преминувањето од алкохол на марихуана, што исто така влијае на социјалната динамика: Алкохолот традиционално подразбира групни активности, додека консумирањето канабис почесто се поврзува со индивидуално искуство.
Економијата е уште еден клучен фактор. Во урбани услови, децата претставуваат голем финансиски товар. Проценките во САД покажуваат дека трошоците за издржување дете до 18 години достигнуваат стотици илјади долари, а со растечки цени на недвижности и просечна возраст од околу 40 години за купување прв дом, основањето семејство станува сè подоцна и потешко остварливо. Освен тоа, луѓето сè повеќе гледаат на пронатализмот како пирамидална измама - до толку се чувствуваат изиграни.
Ниту една поединечна причина не го објаснува целиот тренд - технологијата, економските притисоци, променетите вредности и социјалните навики се испреплетуваат во комплексна слика. Она што е извесно е дека генерацијата што најмногу живее онлајн, истовремено пријавува највисоки нивоа на осаменост. Дигиталната поврзаност не секогаш значи интимна блискост и демографските податоци сугерираат дека оваа културна промена нема да остане без долгорочни последици - економски, политички и општествени.