Во ера на намалување на популацијата, многу од големите светски економии се трудат да дојдат со повисока стапка на раѓање.
Јужна Кореја, Јапонија и Италија, на пример, имаат усвоено пронаталистички мерки верувајќи дека на тој начин ќе ја деактивираат демографската бомба што доаѓа. Мерките се движат од ослободувања од данок до придобивки за домување за парови што имаат деца.
Сепак, проблемот лежи во друго - ниските, а и високите стапки на раѓање не се самите по себе проблем, туку причина или додаток на други проблеми: Со ниските стапки има бавен економски раст и повеќе старци; високата стапка значи трошење ресурси и деградација на природната средина.
И што е уште поважно - стапките на раѓање се ужасно тешки за менување и напорите да се променат се на граница на принуда, иако не почнуваат така. Демографите и експертите за популација сметаат и дека ваквите напори се непотребни, бидејќи манипулацијата со плодноста е неефикасен начин за решавање општествени, економски и еколошки проблеми, кои секогаш е попаметно директно да се решаваат преку регулација и редистрибуција.
Пронаталистичкото движење е во основа погрешно, бидејќи се базира на верувањето дека е потребно популацијата постојано да расте за да се осигура економскиот развој, што пак самото по себе би ги избавило луѓето и заедниците од сиромаштија. Но, доколку државите директно не се вмешаат, овој економски развој обично ги тангира и онака богатите, често на трошок на работниците и потрошувачите.
Кога се гледа од овој агол, пронатализмот е пирамидална измама. Се потпира на нови членови за да заработат раните инвеститори, а товарот главно паѓа на жените кои се одговорни за раѓањето и поголемиот дел од воспитувањето, често без адекватна медицинска грижа и помош при чување.
До денес, пронаталистичките политики главно се фокусираат на помош при трошоците за чување деца и помагање на родителите да останат на пазарот на трудот. Иако ова се има покажано како одлично за родители и деца, сепак едвај да има влијание на стапката на раѓање. Сега кога се создава паника околу опаѓањето на таа стапка, владите почнуваат со подраконски мерки - промовираат помош со репродуктивни технологии, или како Јужна Кореја во 2005 - забрануваат абортус.
Тие што не признаваат дека намерите за промовирање пронатализам им се расистички, нативистички или религиозни, обично го заговараат од економски причини. Нивното размислување е дека опаѓачката плодност произведува стари нации - во контекст на САД, ова значи дека голем број возрасни луѓе собираат средства од социјална заштита во однос на бројот на работници што го оддржуваат системот. Експертите алармираат на неликвидност на системот за социјална заштита и тоа со децении, но кога сме кај САД, реалноста е дека на државата не ѝ требаат уште бебиња за да опстане системот. Наместо тоа, политичарите можат да ја зголемат работната популација преку про-емиграциски политики.
Владите можат да обезбедат образование, контрацепција и други здравствени услуги, не затоа што тоа ќе го намали наталитетот, туку затоа што се работи за витални компоненти на едно прогресивно и фер општество. И можат да обезбедат породилно отсуство, кредити и даночни олеснувања за луѓе со деца и висококвалитетни институции за чување, не затоа што тоа ќе го зачести раѓањето, туку затоа што на децата што се раѓаат ќе им даде најдобар можен почеток во животот.
Гледано низ оваа призма, пронатализмот нуди шупливо ветување дека имање повеќе луѓе ќе ги реши општествените и економските проблеми со кои се соочува популацијата на една нација. А тоа само се сведува на позајмување од иднината за да се платат долговите на минатото.