Сите се осамени

Годинава излезе едно незгодно истражување што откри дека осаменоста е полоша од 15 цигари дневно и полоша и од гојазност. И дека младите се посклони на депресија од повозрасните граѓани.

Научниците одамна предупредуваат на епидемијата наречена осаменост. Вака звучи наивно, „ќе се снајдеш”, „излегувај повеќе”, „мрдни од дома”, „најди си некој”, ама ич не е. Заклучокот според одредени студии е дека иако за време на возрасните години се случува блага до сериозна осаменост, најчесто може да се појави во три одредени периоди: крај на 20-ти, средни 50-ти и доцни 80-ти од животот. Незгодно.

Во истражувањето ичествувале 340 граѓани на Сан Диего на возраст од 27 до 101 година. Речиси 75 проценти од учесниците пријавиле благи до високи нивоа на осаменост преку нешто што (замислете постои и) се вика скала на осаменост, во комбинација со уште една скала - на мудрост.

„Важно е, затоа што не се смета дека учесниците во ова истражување се на ризик од средна до сериозна осаменост (како болест бе, до толку е незгодно). Немаат поголеми физички нарушувања, не страдаат од ментални болести како депресија или шизофернија каде што осаменоста би била проблем,” објаснува водачот на истражувањето Дилип Јесте. „Иако има јасни демографски ограничувања во групата, учесниците општо, беа обични луѓе.”

Истражувањето покажува дека благата осаменост е честа и се појавува повремено во текот на животот на еден возрасен човек. Проблем е високиот процент на средна до сериозна осаменост, со оглед на тоа што осаменоста е често поврзана со други услови, како лошо ментално здравје, злоупотреба на дроги, когнитивно нарушување и влошено физичко здрајве - вклучително неухранетост, висок притисок и проблеми со спиење. Авторите признаваат дека има многу дупки во она што им е познато и дека мора да се прават уште истражувања.

Каде е тука она што го викаме „среќа во несреќа”, ако воопшто може да се нарече така? Излегува дека луѓето кои ги процениле како „помудри” се помалку осамени. „Тоа може да се должи на фактот што однесување кое дефинира мудрост, како емпатија, сочувство, регулација на чувства и рефлектирање, ефикасно спречуваат сериозна осаменост,” вели една од авторите, Елен Ли. Според резултатите, осаменоста не бира пол и возраст. Едноставно, сите сме осамени. А сепак е нормално. И не треба да се меша со самотија.

И уште едно, и многу фино и корисно: 

Како да бидеш сама

25 декември 2018 - 12:45