Но колку и да сакаш да седиш сам, тешко е човек вистински да се навикне на самотијата; да седиш сам некој значаен временски период знае да стане тешко, особено ако во дефиницијата за сам ти влегува и недружењето со телефонот што те поврзува до остатокот од светот. Едно истражување тврди дека поминуваме некои 5 часа дневно на телефон, па дури и кога сме сами, односно, и кога не сме физички во присуство на луѓе - сепак не сме навистина сами, затоа што уредите зврцкаат и вибрираат молејќи за конекција. Други истражувања откриваат дека некои луѓе би направиле сè, само за да не се сами - според едно од нив, луѓето попрво би си давале електрични шокови отколку да седат во тишината на сопствените мисли.
Сепак, во име на грижата за себе и менталното здравје, во ред е да стигнеш до еден момент, каде што можеш времето да го минуваш сам, дури и да уживаш во него - без телефони, или грижа на совест, или досадното, ужасно чувство дека не правиш ништо продуктивно.
И еве како:
Откачи ги предрасудите
На некои луѓе може да им биде тешко да се согласат да поминуваат време сами, затоа што може да им изгледа - непожелно. Се изнагледавме наслови од типот: „Како социјалната изолација нè убива” и „Осаменоста може да биде поголем ризик за здравјето од пушењето или гојазноста”. Според овие статии, пожелно е - дури и поздраво, божем - секогаш да се стремиш кон дружење.
А меѓу сите тие злокобни предупредувања, лесно е да пропушти фактот дека осаменоста и самотијата воопшто не се синоними. „Ако го поминуваш времето сам, не значи дека си осамен,” вели Роберт Коплан, професор по психологија на Универзитето Карлтон во Отава и еден од уредниците на „Прирачник за самотија”. Осаменоста е всушност незадоволство од сопствените социјални односи и чувство дека твоите потреби за длабоки врски и желби да бидеш со други луѓе не ти се остварени. Може да си и најекстровертната личност на планетата, а сепак да бидеш осамен; или да си интроверт со неколку блиски пријатели и да се чувствуваш исполнето.” Со други зборови, сè се сведува на изборот: Ако си заглавен во сопствената самотија може да си несреќен, но поминувањето време сам само затоа што така сакаш не го дава истиот ефект.
Многу луѓе се закачени за идејата дека самотијата е само за интровертни личности, а дека екстровертните не се програмирани за време насамо.
Но, изненадувачки е што нашата социјална персона воопшто не е важна. Според некои психолошки истражувања, нема никаква разлика меѓу интроверти и екстроверти кога се работи за тоа колку едните и другите уживаат да бидат сами. „Интровертите можеби имаат помалку можности за социјализација или е поневеројатно дека ќе побараат социјална интеракција, но само затоа што повеќе сакаш нешто, не значи дека повеќе уживаш во тоа. Според тоа, ако сте прескокнувале можности да имате време „само за себе” само затоа што сте мислеле дека не се вклопувате во тој профил, треба да си знаете - самотијата не дискриминира.
Запознајте се со фините страни
Ако се загледате во придобивките на поминувањето време сами, можеби ќе почнете помалку да се плашите од тоа, според Мајкл Харис, кој е автор на Solitude: In Pursuit of a Singular Life in a Crowded World. „Кога истражував на оваа тема, вредноста на самотијата ме натера и самиот да ја побарам,” вели тој.
Седењето во самотија на пример, може да ги отапи возбудливите чувства, и позитивни и негативни, што значи дека може да има смирувачки ефект. Откриено е и дека самотијата е поврзана со зголемена креативност и помага за изострувањето на вештините за решавање проблеми. Затоа што имаме многу повеќе простор да се фокусираме на една работа кога сме сами, има и повеќе простор за сонување со отворени очи и за откровенија, на пример, според Лери Розен, автор на The Distracted Mind и уште еден професор по психологија. „За да се случат тие работи, мора да се активира дифолт-мрежата на мозокот, нешто што не може да ви се случи ако скокате од задача на задача, од работа во работа,” објаснува тој.
Луѓето кои поминуваат време сами знаат да се стекнат и со ново разбирање за себе и своите приоритети. „За време на самотијата, способни сте да откриете што сакате и во што верувате, независно од тоа што другите ви велат да сакате и да верувате,” вели Харис. „Дури и Нетфликс бира за вас, па ви дава предлози - денес нема многу место вистински да ги испитате вашите желби и да донесете одлуки врз основа на тоа.”
Иако неочекувано, минувањето време сам може да биде начин да ги зајакнете вашите врски: самотијата може да ја зголеми емпатијата и, како што објаснува Харис, „полесно е да го цениш она што не ти е напикано во фаца.”
Сфатете дека постои простор за експериментирање
Времето што ќе го поминете сами ќе биде какво што сакате да биде и не значи дека мора да се следи некаква рутина. „Она што е поважно е дека сте сами со вашите мисли, но што ќе правите зависи од вас,” вели Ејми Морин, психотерапевт и автор на „13 нешта што ментално силните луѓе никогаш не ги прават” (која исто така има мислење и за проблемите со прифаќање комплименти). Кога клиентите нерадо поминуваа време сами, таа ги советува да забават. „Ги терам луѓето да пробаат нешто ново секој ден, за да видат што ќе им се допадне, а тоа може да биде сè, од водење дневник, до прошетки во природа, или топли купки. Не мора ни да е тоа голем временски период - само неколку минути се доволни за почеток, па можете да ги зголемувате како што поминува време и ви станува поудобно.”
Коплан додава дека времето насамо не мора да значи ни дека сте сосема сами. „Знаеме на пример, дека да бидеш во природа може да биде смирувачко и инспиративно, но не значи дека не смеете да одите на прошетка со кучето, или со партнерот, сè додека шетате во тишина,” вели тој. „Знаеме дека е добро да се одвоите себеси од нешта што обично ви прават стрес или од дневната рутина, но кога се работи за физичко одвојување, науката сè уште не ги потврдила активните состојки.” Со тоа, ако има шанси тој возрасен, или мало дете, или животно да ве стави под стрес затоа што треба да мислите и на неговите потреби, подобро е да одите сами.
Подгответе се на неверници (ќе ги има)
Да поминуваш време сам доаѓа со стигма. „Културолошки, програмирани сме да мислиме дека самотијата е лоша. На децата им наредуваме да одат во соба (сами) како казна, а затвореници со лошо однесување добиваат самица,” вели Коплан.
Ако почнете да избегнувате или да откажувате планови за почесто да бидете сами, тогаш луѓето ќе почнат да се прашуваат дали нешто не е во ред - дури и ќе ги нервира вашата нова навика, особено ако го оставите телефонот за да се релаксирате или вистински да бидете сами со вашите мисли. Можеби нема да разберат зошто веднаш не им одговарате на повиците и пораките. Може да ве обвинат што се исклучувате од социјалните мрежи и ги пропуштате нивните објави за бебиња, свадби, кутриња и матурски. Харис се сеќава на еден момент кога негов пријател се налутил затоа што не се јавил кога татко му починал. Информацијата била споделена само на Фејсбук, каде што Харис се немал логирано цела деценија.
Ако среќавате со непријатност или збунетост кај вашите пријатели, ќе си помогнете ако го врамите вашиот новостекнат ентузијазам за самотија како прашање на лично здравје. „Инаку, лесно е да дозволите да ви завладеат со животот, затоа што самотијата изгледа неважна.
Не дозволувајте неудобноста да ве одврати
Кога сте сами со сопствените мисли, нештата можат да станат јасни и реални. Може да завршите со откритија и „еурека” моменти, а можете и да се фатите себеси како ја доведувате до прашање секоја одлука што сте ја донеле. „Можеме да потрошиме многу време и енергија обидувајќи се да бидеме среќни и да бегаме од работите што ни пречат, а кога конечно ќе стигнеме до тишината - да почнат да ни навираат негативни чувства.
Да бидеш подалеку од телефонот - што секако треба да биде дел од самувањето (затоа што Вибер значи дека не си сам) - знае да биде и болно. Во некои случаи, речиси и да е буквално точно: истражувањето на Розен покажува дека отсуството на телефон може да ги извлече сите симптоми на стрес, вклучувајќи испотени дланки, забрзано чукање на срцето и покачување на кортизолот. „Знаеме дека ако на луѓето не им е дозволено да си ги проверат телефоните, дури и на неколку минути, почнуваат да чувствуваат анксиознот,” вели тој. „Компликацијата е во тоа што сме се условиле проверувањето на телефоните да ни биде како олеснување од анксиозноста - но тоа се претвора во маѓепсан круг.”
За вистински да ти стане удобно сам, помага да постепено да се оттргнуваш од технологија. Омилениот метод на Розен е да се почне со едноминутна пауза од технологија на секои 15 минути, со тоа што постепено ќе се зголемува паузата како што ви станува удобно.
На крај, помага кога ќе сфатиме дека повеќето нови навики - вежбање, медитирање и слично - почнуваат со неудобност, па дури и со болка. „Мислам дека понекогаш веруваме дека ако не е веднаш добро, не треба да се мачиме,” вели Харис. „Но не значи дека самотијата е хедонистичко искуство, барем не отпрвин. Со тек на време се учиме да уживаме во неа.”