Експеримент: Млад човек што не пие пробува да пие како бумер

Целиот експеримент се состои во тоа Киа-Елис Грин која има 21 една година и пие алкохол два пати годишно, да проба една недела да пие како баба ѝ и дедо ѝ - бумери и да го сподели искуството. Татко ѝ е миленијалец - ни него не може да го стигне.

Киа-Елис Грин е Генерација З - група која, според истражување на DrinkAware има највисока стапка на трезност, со 26 проценти млади кои воопшто не пијат. Затоа и тестот добива тек каков што добива - наместо умерено приближување до навиките на бумерите, нејзиното тело реагира жестоко, дури и на најмали количини.

Експериментот почнал во петок вечер. Планот бил за викендот да внесе околу 14 единици алкохол - количина што една петтина од бумерите ја надминуваат, според студија од 2015 година. Но веќе по два коктели, Грин се почувствувала како да ѝ се „врти собата“, како што подоцна ќе опише. Ќе опише и за неа чудно чувство на „само да погледнеш храна и ти се лоши“.

Следното утро, по посета на теретана и сауна за „детокс“, (и вие ли после цела ноќ пиење одевте во теретана и сауна?), решила да продолжи со планот. Си ставила половина чаша бело вино - не дека сакала, но баба ѝ така знаела да се напие. Вечерта била поканета кај родители на пријател, каде повторно прифатила пијалак. Две вотка-лимонади ѝ биле доволни повторно да заврши покрај тоалетот, со вртоглавица.

„Ме удри како цигла,“ резимира таа.

Разликата со генерацијата на нејзиниот татко станала очигледна следниот ден. Тој, инаку миленијалец, ѝ раскажал дека вечерта испил „десет пива и сè уште можел да танцува во кујната во три наутро“. Малку му љубоморела.

До неделата, физичките последици станале поизразени: исцрпеност, болки и бавни реакции. Вели, „Како да ми остаре телото десет години“. Ова, иако за многумина претставува вообичаен викенд-мамурлак, кај неа се јавило по количини кои за просечен возрасен би биле минимални.

Медицинските објаснувања за ова се јасни. Д-р Клер Мерифилд, медицински директор во Selph, објаснува дека ваквата реакција е карактеристична за луѓе кои ретко пијат. „Луѓето кои чувствуваат пијаност по мала количина алкохол многу поретко развиваат проблематични навики,“ наведува таа. Толеранцијата, додава, најчесто има генетска основа: кај едни телото брзо го разградува алкохолот, кај други дури и мала доза предизвикува вртоглавица, замор или гадење.

Мерифилд дополнува дека од здравствен аспект не постои причина за загриженост кај личности со ниска толеранција; напротив, тоа често значи дека пијат помалку и поретко. Како општа препорака, наведува ограничување на максимум две алкохолни пијалаци неделно.

За Грин, неделата на бумерско пиење завршила со заклучок дека не пропушта ништо. Наместо анегдоти за весели ноќи, експериментот ѝ донел главоболки, вртоглавици и брза физичка исцрпеност. Она што за постарите генерации е нормална викенд-навика, за неа се покажало неизводливо.

И стварно е нов свет.

17 ноември 2025 - 10:49