Гледанка

51 Birch Street (2005)

На прв поглед сосема обичен документарец на Даг Блок за неговото семејство. На втор, потресно сведоштво за точноста на една стара руска поговорка - дека душата е темен подрум. А особено онаа на твоите родители.

„Погледот на Одисеј“ (1995)

Филмот на Ангелопулос трае два часа и 49 минути. Има добиено специјална награда од жирито во Кан. Го опишуваат како „епски" и „храбар". Главната улога е на Харви Кајтел. И зборува за - браќата Манаки! Ама...

Барајќи го Шугармен (2012)

Документарец за неверојатната судбина на Сиксто Родригез, музичар од седумдесетите, на кого многумина му предвидувале слава поголема од онаа на Боб Дилан. Филм за мрачните страни на музичкиот бизнис, природата на славата и можноста работите некогаш и некаде да дојдат на свое место.

„Кон-Тики" (Норвешка, 2012)

Возбудлива историска драма/авантура направена според вистинската приказна за сплавот и екипажот кој во 1947, предводен од етнолог кој не знаел да плива, поминал 8,000 километри по Пацификот, само за да докаже една алтернативна научна теорија.

„Изгон" (2007)

Филмов може или да ве скрши на парчиња и да не можете со денови да си дојдете на себе, или да ви биде досаден и непотребно долг. Оние кои сигурно треба да го гледаат филмот се парови во долги врски, кои некаде по пат заборавиле дека до нив дише друго човечко суштество.

„'Рѓа и коски" (2012)

Ако имате дете кое некогаш за малку ќе се удавело, никако не го гледајте филмов. За останатите, ова е мелодрама, ама со многу страст за живот, дури и кога тој гризе, мава и боли.

„Седум психопати" (Мартин МекДона, 2012)

Добро, знам дека сте гледале многу филмови со вооружени лудаци чиј „пеколен план" до крајот на филмот завршува трагично, а нивните антихеројски ликови ви се лепат за срце. Добро, знам дека сте гледале и подобри од овој - Тарантино, Гај Ричи, дури и самиот МекДона со „Во Бруж". Ама ако ништо друго, овој ќе го сакате заради актерската екипа од соништата.

„Ѕверови на јужната дивина" (Бен Цајтлин, 2012)

Можеби е заради тивката меланхолија на пост-новогодишните денови, можеби до преслатката шестгодишна Хашпапи, главниот лик во филмот, а најверојатно затоа што тој е едноставно добар.

„Клип“ (Маја Милош, Србија, 2012)

За филмов прв пат слушнав кога беше забранет од Министерството за култура на Русија, заради неговата „штетна содржина". Откако го гледав не знам што е поштетно - да го гледаш, или да го живееш.

„Цезар мора да умре" (2012)

Филмот следи група актери кои ја подготвуваат шекспировата „Јулие Цезар" . Навидум ништо посебно, додека не сфатите дека не се работи ниту за вистински актери, ниту за филмско студио.

Како што е во рајот (2004)

Филмот е истовремено и „feel-good" и „feel-bad" - комбинација карактеристична за скандинавските филмови. Критика на културата која се обидува да вкалапи, контролира, да наметне чувство на вина и грев дури и тогаш кога го нема, ова е ода на човековата страст по животот, и обидот тој достоинствено да се живее. Убав, убав филм.

„Хемингвеј и Гелхорн" (2012)

Клајв Овен и Никол Кидман во HBO филмот за еден од најпознатите книжевни парови во историјата, во режија на Филип Кауфман („Неподносливата леснотија на постоењето", „Хенри и Џун").

„Игри на гладта" (2012)

Мислев дека ќе бидам оригинална со споредбава, но некој веќе се сетил на неа - Hunger Games е микс на „Шоуто на Труман", Американски идол и Дарвин.

„Илјада зборови" со Еди Марфи (2012)

Некако ни падна мака кога сфативме дека филмов е блиску до тоа да биде прогласен за најлош на сите времиња, ако е според мерките на Rotten Tomatoes, каде тој не мрда од 0%, што според нивни стандарди значи дека филмот е „мувла", или по нашки „тапа".

„Масакр" на Роман Полански (2011)

Базиран врз истоимената драма на Јасмина Реза, во филмов - споjлер алерт - нема ни 'м' од некаков физички, крвав масакр.

„Таму каде живеат дивите нешта“

Инспириран од книгата на неодамна починатиот Морис Сендак, Спајк Џонз („Да се биде Џон Малкович", „Адаптација") ја претвора сликовницата од само 40 страници и сосема малку текст во прекрасен филм-фантазија.

Воениот коњ (2011, Спилберг)

Филмот ќе ви се допадне под два услова: да сте љубител на коњи, или да имате околу 14 години. Или двете.

„Мајки“ од Милчо Манчевски

Беше многу топол мај кога со студентите по етнологија ги шпартавме преспанските села, барајќи соговорници. Опремени со капчиња, шишиња вода и диктафони, како некаков армиски вод на специјална задача, трагавме по „информатор" расположен за муабет.