„Да речеме дека продаваш кокичиња" - вака гласеше примерот за секој од економските термини кои домашните ми ги објаснуваа кога го паузиравме филмот за едукативна сеанса од областа на финансиите. Можеби е до кокичињата, а можеби е до филмот, но сега мислам дека знам што е „шорт", што е „опција" и што се „колатерални долговни облигации". Она што дефинитивно ми е јасно - капитализмот е за нигде.
The Big Short (кај нас преведен како „Обложување на столетието“) се состои од три одделни нарации, за луѓе кои меѓусебно не се познаваат, но речиси истовремено доаѓаат до истиот заклучок - дека американскиот пазар на недвижности онаков каков што е нема да може уште долго да стои на кревките нозе, бидејќи се заснова на кредити кои не можат да бидат вратени и на лажни проекции на агенциите и на банките за нивната вредност.
Првиот од нив, Мајкл Бури, по образование доктор-невролог а по професија менаџер на хеџ-фонд, генијалец со едно стаклено око и со Аспергеров синдром (го игра одличниот Кристијан Бејл) уште во 2005 доаѓа на генијална идеја - да се обложи против пазарот на недвижности. Ова до тогаш никој не го ни помислил, а камо ли да го сторил, па банките самоуверено го прифаќаат неговиот предизвик, сметајќи дека просто имаат работа со ексцентрик (читај: будала). Тие креираат за него сосема нов инструмент, еден вид осигурителна полиса на акциите поврзани со недвижнините, според кој Бури се обврзува на не мали месечни исплати додека пазарот е стабилен. Од друга страна, банките, во моментот кога предвидувањето на Бури би се исполнило, би требало да му исплатат невидено големи суми.
Во меѓувреме гласините за неговиот чекор почнуваат да се шират, главно како виц помеѓу арогантните банкари. Но две групи луѓе нив почнуваат да ги сфаќаат сериозно, и по сопствена анализа и муабети со вработени внатре системот, кои сосема отворено им кажуваат колку е лошо (затоа што во моментот од тоа „лошо" одлично заработуваат), одлучуваат и самите да го преземат ризикот.
Некои од нив не се мотивирани само од парите, туку го сметаат ова и за одмазда кон корумпираниот, нечовечки и неправичен систем. На тоа асоцираат и голем број сцени во кои муабетот за несомнената пропаст на светот е илустриран со сосема спротивни визуелни прикази, кои како „флешови" се појавуваат исчезнуваат на екранот - раскалашни забави на јахти, реклами за непотребни предмети, идилични слики на зајдисонца и вили покрај море, лаги, лаги и уште шарени лаги.
Најлошите прогнози се остваруваат, и тука стапува на сцена етичкиот момент - дали треба/може/смееш да се радуваш што си ја предвидил и си ќарил од туѓата несреќа, а не си презел (речиси) ништо да предупредиш? Филмот завршува во стилот на документарците на Мајкл Mур: „Лажговците отидоа во затвор и ниту еден невин просечен Американец не настрада...хе-хе, се зезаме...настрадаа милиони луѓе чиј единствен сон им беше да имаат дом, а на ниту еден од ’лошите’ не му фалеше ни влакно од глава“.
Кога прашината од распадот се слегнала, над 5 трилиони долари во форма на пари за пензии, вредности на недвижнини, заштеди и акции - ПУФ! - исчезнале, 8 милиони луѓе останале без работа, а 6 милиони останале без кров над глава. И тоа само во САД. Истовремено, Бури остварил профит од 489%.
Режисерот на филмот, Адам МекКеј, претходно има правено неколку познати комедии (како Anchorman со Вил Ферел), па дури и во ваква, во суштина ужасна приказна, успева да вметне хумор. Особено се впечатливи упадите (со поглед кон камерата) на неколку „објаснувачи" на сложените економски термини - познати фаци од разни области. Во таква сцена, симболично сместена во казино, седат и играјќи блекџек објаснуваат што се „синтетички колатерализирани долговни облигации" основачот на бихејвиоралната економија Ричард Талер и актерката Селена Гомез. Ентони Бордејн пак вака го објаснува „препакувањето" на акциите што не се продаваат - со користење на стара риба за правење „луксузна“ чорба:
Сепак највпечатлива „објаснувачка“ сцена е онаа во која ликот на Рајан Гослинг (со многу глупа фризура), всушност првиот кој ги сфаќа сериозно предвидувањата за финансиската апокалипса, живописно го илустрира идниот распад на системот со џенга блокови, кои во еден момент се рушат:
Сме гледале и други филмови во врска со финансиската криза од 2008 (на пример Margin Call со Џереми Ајронс и Деми Мур), но овој нуди многу поцелосна, позабавна и поразбирлива слика на она што се случило. Што не значи дека истото не може да се повтори, на овој или на оној начин. Одјавата на филмот вели дека Бури денес вложува во само една работа - во вода. Знаејќи што предвидел човекот, тоа звучи малку морничаво.
За вистинските ликови зад оние во филмот тука