Рамин Бахрани е американски режисер со иранско потекло чии претходни филмови исто така зборуваат за неостварениот американски сон, низ приказни за оние на маргините на општеството. Но најновиот, 99 куќи (или домови) е потресен не само заради суровоста на системот, туку и заради вината на оние кои му се ставиле на располагање, мислејќи или правдајќи се со тоа дека немаат друг избор.
Денис Неш е самохран татко кој живее со мајка му и малиот син Конор. Куќата во кој живеат со години е заглавена во хипотеки кои не можат да ги отплатат, и доаѓа моментот кога извршителот, Рик Карвер - кој е во спрега и со банките и со агенциите за недвижнини - силно чука на вратата во придружба на полиција и им дава само две минути да го соберат најпотребното и да го напуштат она што веќе не е нивен дом. „Ова е недоразбирање", „На телефон сме со нашиот адвокат", „Имајте срце.." - сите овие реченици изговорени во очај ќе ги слушнеме уште многу пати во текот на филмот, кажани од луѓе кои се во иста животна ситуација како Неш. А такви има многу.
Она што ја разликува нивната приказна од онаа на Неш е што овој по игра на случајноста почнува да работи за истиот тој брокер/извршител кој го исфрли од дома. Живејќи во мотел и немајќи никаква друга опција за работа (и покрај тоа што е искусен физички работник - симболично токму градежник кој со години гради туѓи куќи), тој го прифаќа ангажманот, најпрвин како обичен хаус-мајстор, подоцна крадец на опрема од испразнетите куќи (која потоа се продава како нова на агенцијата за недвижнини), за на крај да мора (мора?) да ја заземе позицијата на Карвер.
Неговата трансформација од жртва во извршител не е никогаш целосна, пред вратите на оние коишто треба да бидат иселени тој е секогаш со наведната глава и со плачлив глас, но колку и да му е незгодно, задачата е извршена и парите се во џебот. Наскоро тој не само што е во состојба да си ја врати старата куќа, туку почнува да размислува како вистински брокер - ја продава затоа што го убедуваат дека емоцијата нема врска со имотот, и купува нова со базен.
Но кога човек кого го исфрлил од дома го препознава, и мајката и синот сфаќаат што се случува, кревкиот морален систем на Неш се крева на нозе, и тој решава да преземе радикален чекор - во еден напнат момент во филмот (ќе се обидеме без спојлери) тој признава дека фалсификувал документ за одземање на дом, на семејство со кое се познава од претходно. Тука филмот завршува, иако ни остава прашалници - кој ќе настрада после ова признание, системот или самиот тој. Сепак мислиме дека го знаеме одговорот.
Иако изгледа дека режисерот цело време навива, и треба да навива за обесправените и обездомените, на моменти во филмот тој сака да ни стави до знаење една важна работа - сите овие луѓе, можеби несвесно и заради неинформираност, сакале да имаат нешто повеќе од она што можеле да го имаат, согласно нивните примања и можности. Системот ги лажел дека сè ќе биде во ред, нудејќи им кредити со „големи поволности", за кои „не се потребни гаранции", со камати и услови кои тие во еден момент мислеле дека се остварливи. Но работите се менуваат, и казната за уредувањето на тераса од илјадници евра кое не можете да си го дозволите, и без кое сосема комотно се живееле 25 години (а сега одеднаш ви текнало дека мора да го направите) се враќа во форма на опомени, уште опомени, судови и на крај извршители. Да, системот е крив, но сите ние сме соучесници, затоа што сакаме да бидеме лажени, затоа што животот е краток и не можеме да чекаме прво да заработиме, па после да купиме. Затоа што не знаеме да кажеме „не" на добрите понуди, кои на крај можат да нè остават на улица.
Ако „Обложување на векот" беше добра лекција за економија погледнато од аспект на виртуелните финансиски трансакции, ова е многу добар реален увид во тоа како стојат работите на терен. И немојте да мислите дека Америка е далеку.