Offside

Идејата за ново, второ по ред проширување на Светските првенства изгледа не е само муабет за чаршија. Џани Инфантино е сериозен во идејата. Ќе профитира ли Македонија од ова?

Илија фала ти за сè

Иако е повреден и не е во комбинација за денешниот меч, сепак Абутовиќ допатува во Скопје каде ги мина најубавите години од кариерата. Освен овации, за ракометарот на Рајн Некар кој 7 години му беше верен на Вардар со кој освои европска титула, имаше и едно изненадување. Капитенот Столе му подари дрес на кој пишува: „Илија фала ти за се“.

Енис Барди го вклучи снајперот и го реши Хетафе

На стартните шест кола во новата сезона го немаше, ама затоа денеска на гостување влезе во второ полувреме, го намести нишанот и испука проектил во агол кој не го фаќаат 10 Буфоновци. Хетафе - Леванте конечни 0:1, благодарение лудиот слободен удар на македонскиот репрезентативец.

Него дали ја видовте оваа мајсторија во ЛШ?

Икарди и Наинголан го решија ПСВ во второто коло од ЛШ, ама потегот на мечот го направи Политано кој успеа жива да фати една чаша со малку пиво, да ја поднасмее публиката и да му ја понуди на судијата. Браво и за камерманот.

Махер на колото кој погодил сензационална победа на Брегалница

Академија Пандев на првиот осминафинален меч од Купот на Македонија го тресна второлигашот Брегалница на гости со 2:6. Ама па видете сега ова. На реваншот дома губи 0:1, коефициент 21. Некој и ја уплатил, ама не знаеме на колку пари. Хмм...

Трајковски со гол во последната минута за победа на Систина

Фудбалерите на ЕВН со висок триумф славеа над Искрател Груп, а Уника и Систина победија со идентична тесна победа во последниот ден од второто коло во Бизнис лигата.

На Диего му е убаво во Мексико

Го сакаат, го почитуваат, нема голем притисок како во татковината и ужива во пренесување на фудбалското знаење на помладите. Претпоставуваме дека прави уште нешто што многу сака.

Мурињо со намќореста фаца одржа чуден прес од 3 и пол минути

Не е лесно да си навивач, ама уште повеќе тренер на Манчестер Јунајтед откако Фергусон ќе ти остави наследство од кое во фудбалот не се живее и во иднината. Мурињо на времето сам си се нарече „Специјален“, ама сабајлево изгледаше како веќе да не знае кај тера.

На Роналдо му бараат 200.000 долари и му дале 20 дена да размисли

Португалскиот ас е обвинет дека наводно во 2009 година во еден хотел во Лас Вегас извршил сексуално насилство врз девојка од САД која скоро решила да проговори за тоа кај адвокатите и да му бараат на Роналдо огромна сума на пари како оштета за претрпеното психичко растројство.

Шест причини зошто Вардар гази и оваа сезона

Со заминувањето на најдобриот тренер во светот за 2017-та, незаменливиот Штербик и уште неколку ракометари од костурот на екипата, многумина беа спекптици за тоа како ќе тера Вардар во ЛШ. ЕХФ ги има одговорите за нивниот извонреден старт.

Мрме, да видиш Луис Енрике како го претстави составот

Во пресрет на пријателскиот меч на Шпанија со Велс, шпанскиот селектор Луис Енрике го објави списокот на повикани играчи на занимлив начин. Па ете идеја за нашиот селектор Игор Ангеловски понекогаш да си поигра со објавување на репрезентативниот список.

Кварезма го подисплаши помошникот на Ставрев

Фудбалерите на Бешикташ го загубија гостувањето против Малме со 2:0, меч кој го судеше нашиот Александар Ставрев и неговите помошници Кировски, Костадинов и Караколев. Дали од несогласување за судиската одлука или од нервоза што губи, португалската ѕвезда реагираше малку неубаво спрема еден од македонски линиски судии и беше на граница на картон.

Меси првпат после долго време имаше необична прослава на гол

Околу 90-ина минути траеше предавањето на професор Меси на „Вембли“ против Тотенхем каде со два гола и една асистенција покажа зошто викаат дека е од друга планета. Еден од головите им го посвети на своите синови.

Прекрасна кореографија на стадион во Франкфурт

Откако направија изненадување со победа во Марсеј во 1. коло, фудбалерите на Ајнтрахт Франкфурт синоќа го нокаутираа и римски Лацио со 4-1. Имаат 6 бода и со една нога се во следна фаза. А како и да немаат со ваква публика.

Минимален пораз на Николов на Стемфорд Бриџ

Фудбалерите на Мол Види се држеа 70 минути на гостувањето против Челси кој славеше минимално со голот на Мората. Бобан Николов го одигра целиот меч. Аполон кој важи за аутсајдер во групата Х му се врати на Марсеј по негатива од 0:2 со гол во 90-та минута, Краснодар ја изненади Севиља, а Лацио се соочи со дебакл и доби два црвени картони.

Кариус ти не треба да браниш повеќе

Човекот кој му го уништи финалето на Ливерпул во Лига на шампиони против Реал Мадрид, продолжува да се брука и во Бешикташ. Малме го совлада турскиот состав со 2:0, а германскиот голман месечареше на првиот гол.

Тричко во голгетерска форма, победи за Адеми и Елмас

Македонскиот репрезентативец Иван Тричковски со гол во 25 минута го отвори резултатот на гостувањето против Баер Л кое АЕК на крај го загуби со 4:2. Аријан Адеми и Елиф Елмас славеа со Динамо и Фенербахче, а Спортинг направи пресврт со два гола во судиско продолжение. Ристовски остана на клупа.

Емотивен пенал од кој доаѓаат морници

Нотс Каунти е четвртолигаш во Англија. Кај нас четвртата лига асоцира на фудбал на нива каде судијата јаде ќотек ако не тепа домаќинот, а на островот од тој ранг доаѓаат приказни кои може да ви го стоплат срцето.

Норвешки новинар се напил за да докаже дека капитенот на Тотенхем е млако казнет

„Разликата меѓу мене и тебе е во тоа што ти си трет најдобар голман на светот, а јас обичен човек. Од таа причина јас и не седнувам пијан да возам“.

Најглупавиот нокаут со топка

Требаше само да ја исфрли топката од центар, односно да им ја врати, арно ама тапчото изгледаше како да ја враќа со заврзани очи. Трагикомичнава сцена ни доаѓа од англискиот третолигашки меч меѓу Шрузбери и Волсол. Епилог: Го изнесоа на носилки и не се врати во игра.

„Мајсторе, па не сме во Фиорентина“

За време на мечот Јувентус - Јанг Бојс кој „Старата дама“ го доби 3:0, тренерот Алегри во еден момент му вришти на Бернардески: „Дај ја топката, гол ни треба. Ќе го сменам сега, не сме во Фиорентина овде“ со повторување на зборот cazzo кој во превод не можеме да кажеме што значи. Италијанскиот репрезентативец Бернардески од Фиорентина дојде во Јувентус.

Серија А не е толку тапа колку што мислите

Тоа што најголемите пари се движат во англискиот фудбал, не значи дека треба да се крстиме во Премиер лигата и дека другиве лиги се паштета. Се менуваат времињата, резултатите, па и табелите.

Човекот кој го сруши рекордот на Гвардиола за посед на топка

Во првенство на земја каде играат технички најпоткованите фудбалери во Европа, да имаш најголем посед на топка значи дека треба да си тренерски магистар. Кике Сетиен е магистарот на Бетис.

Седум голчишта од ЛШ кои не се за испуштање

Ако сте гледале мултипренос од синоќешните средби во Лига на шампиони, тогаш сте се изнагледале мајстории во Мадрид, Лондон, Париз и Ајндховен. Ако не сте гледале, тогаш ова е таа задолжителна компилација за вас. Уживанции.

Во меѓувреме се селиме во Кратово

Додека уживате во страшно атрактивната голеада од Лигата на шампиони, да пренесеме малку фудбалски амбиент и од кај нас, каде од кров на куќа може да се гледа фудбал. Силекс го елиминираше Скопје во осминафиналето од македонскиот куп, а голманот на Кратовчани, Благојче Иванов го отвори резултатот уште во 3-та минута откако за малку и ќе ја погодеше топката.