Линекер во емисијата „Match of the Day“ изјави дека измислил изговор во Кремљ за да избегне да се поздрави со рускиот претседател за време на ждрепката за Светското првенство во 2018 година.
Пеле, Марадона, Роналдо и Роналдињо се сретнаа со Путин на церемонијата, но Линекер не.
„Уште пред неколку години донесов одлука, сосема свесно, да немам никаква поврзаност со ФИФА, особено со оглед на тоа што работам во медиумите.
Без разлика дали станува збор за периодот кога работев за БиБиСи или сега, додека ја водам оваа емисија, сметам дека е подобро човек да не биде под влијание одвнатре. Затоа, свесно се држам на дистанца, веројатно уште од почетокот на оваа деценија. Тоа беше намерна стратегија.
Откако ја водев ждрепката за Светското првенство во 2018 година, се сеќавам дека сакаа да се сретнам со Владимир Путин и си реков: ’Не сакам да го направам тоа‘. Па едноставно им реков: ’Извинете, имам уште многу работа околу сценариото. Се обидувам сè да подготвам“.

Во однос на Џани Инфантино, кој се бори да остане на чело на ФИФА после неуспешниот план за продажба на удели од Светското првенство на приватни инвеститори, Линекер вели:
„Апсурдно е некој да може постојано да биде претседател на ФИФА. Мислам дека треба да биде слично како кај американските претседатели, да се дозволи само еден мандат.
Функцијата треба да ротира. Можеби еден мандат, едно или две Светски првенства, но не повеќе од тоа. Во спротивно, ризикувате вакво однесување доколку на чело дојде некој неодговорен поединец кој целосно го изгубил чувството за пристојност.
Потребен е комитет што ќе управува со настаните и другите работи, но моќта на претседателот мора да се ограничи. Треба да постои систем на ротација, каде што луѓе од различни делови на светот би ја извршувале функцијата, на пример, во траење од една година.
Не знам кое е точното решение, но мораме да се оддалечиме од овој олигархиски модел, каде што претседателот е семоќен и останува на функцијата колку што сака, бидејќи штом ќе дојде на власт, може да им вети огромни суми пари на сите национални федерации.“
Поранешниот англиски репрезентативец смета дека доколку Инфантино присуствува на натпревар во Англија, би имало свирежи и песни против него.