Off Topic

Вака идните генерации ќе учат историја

И денес и отсекогаш историјата се учела полна со бројки, датуми, задолжително разликување „повод“ од „причина“... Доаѓаат генерации на кои сето тоа ќе треба да им биде дополнително преџвакано и кажано на начин кој ќе го разберат - визуелно и динамично. Еве ја лекцијата за Сараевскиот атентат и почетокот на Првата светска војна.

Кога стивнатите јагниња ќе преминат граница

Наш човек не може да не земе нешто храна за одмор ама двајца другари од Куршумлија ја однеле играта на друго ниво. Во Пефкохори решиле да земат јагне. Не сечено, транжирано, криено, туку цело, интегрално јагне. Приказната е со хепиенд, освен за нивните жени на кои после пет дена, и душата им мирисала на бачило.

Триесет и три правила, одбери барем некое

29. Не праќај гневна порака. Напиши ја, преспиј ја, избриши ја. 22. Исклучи ги сите нотификации освен оние на кои би реагирал и во три саат ноќе. 11. Научи се да кажеш „не знам“ без да се извинуваш. 8. Не се карај со некој кој ужива во карањето. 6. Имај еден пријател кој е 20 години постар од тебе и еден 20 години помлад од тебе.

Го знаете ли ефектот на Барбара Стрејсенд?

Во психологијата тоа се вика „психолошка реактанса“ - колку повеќе  притискаш нешто да се скрие, толку повеќе луѓето го бараат тоа. Како кога ќе ти кажат, „не гледај десно“ и одма ти допаѓа да погледнеш баш десно. Ако нешто сакате да тргнете од интернет, не ни помислувајте на тоа.

ТВ дуел какви веќе нема

Сакавме да пишеме да ја споредите луцидноста и досетливоста на гостите во оваа ТВ емисија од 1991 година со излижаниот шпил гости кои циркулираат на нашите телевизии, ама подобро немојте. Присутни се нашиот Циле и стариот Ѓилас но главните фајтери се новинарскиот булдожер Александар Тијаниќ и Иван Звонимир Чичак. Прво Тијаниќ доминира ама и Чичак ќе се соземе и ќе почне да враќа.  

Македонски колбас со ајвар

Јутјуб каналот 2 Guys & A Cooler (речиси 300.000 следачи) прават драгоцени туторијали за колбаси, салами, суво зреење месо и слични онтолошки теми. На ред им дошло да направат домашен македонски колбас (свинско и јагнешко) кој на крајот изгледа сочно и неодоливо. Имаат интересни финти иако некои детали не ни се најјасни, особено ајварот. 

Ит из ај

Вевчанци, Струмичани, кандидати за избори, сите оние кои се сметаат за мајстори во маскирањето - очекувањата штотуку ни се зголемија.

Ова е вода

"Две млади риби пливаат и по некое време среќаваат постара риба која им вели 'Добро утро момци, како е водата?' Двете риби продолжуваат да пливаат и по некое време едната се врти и ја прашува другата 'Што е тоа вода?'"

Интернет тест за диоптер

Пред да ви го расипеме тестот, проверете колку е добар вашиот вид и дали сте за диоптер или не.

Од пијаниот и вооружената будала треба да бега

Време е да ја демантираме приказната дека од пијан човек нема никакво фајде. И тоа како има фајде, особено ако на исто место се најде будала која, само затоа што е вооружан, мисли дека за него на важат мудрите пословици.

Да видат оние што треба да видат

Стара финта употребена во најдобра намера. Рекламен билборд за кампања против злоупотреба на деца. Изгледот и пораката на билбордот зависи од која височина го гледате. Вистинската порака треба да стигне до деца до 10 годишна возраст.

Viber за Виндоус

Сервисот за бесплатни пораки и бесплатни разговори и бесплатно праќање слики, во најновата верзија стана достапен и на компјутер. За почеток го има на Виндоус и Мекинтош.

Тамблрот на трудниот сопруг

Татко во најава решава да ја раскаже целата бременост на сопругата низ гиф-ови, малку за да и ја олесни маката на нејзе, малку за он да може да промрчи без да му се лутат по дома. Почнува со работа по 3-ти месец бременост.

Како се прави ваква фотка?

Веројатно сте налетале на оваа серија фасцинантни фотографии на велосипедист пред огромната Месечина. Потребни биле само пар месеци планирање.

Светот не е без добри луѓе

Кога последен пат сте направиле добро дело? Не мора да е спасување на светот, за нешто мало збориме. На пример, да ја прекинете дневната рутина сосема на кратко, за некој друг, некој тотално небитен во вашиот живот. Руски камери во автомобили, какви што до сега не сме ги виделе.

Факти кои е бескорисно да ги знаете

Клучното тука е што ова се факти кои постојат, се шират и собрани се на интернет. Не е нешто на што би требало да се кладите.

Облечи храна

Млад кромид, црн патлиџан, перца од млад лук, зелена салата, црвена зелка. Иако инстинктивно веќе мислите во колкав тањир да ја направите салатата и дали одозгора да ставите сирење, ова е понинакво.

Старци од кафезите

На хартија, во некој спектакуларно досаден владин или невладин извештај, ова би се водело како покриено и обезбедено живеалиште, со санитарен чвор, струја и греење. Во реалноста, ова се кафези. Не се воопшто ретки и не се никава новост.

Секс совети од Маркс

За талентирани луѓе со опуштен и ведар дух, играњето со контекстите и сквернавењето на "големите вистини" знае да биде бескрајно забавно, и како процес и како резултат. Овде имаме еден врвен пример за тоа.

Вo ритамот на топката

Една од најголемите мистерии на светот (да повториме, покрај фамозната: за што е талентиран Мирко Попов?) е онаа, зошто ритмичката гимнастика е олимписки спорт кога се работи за спортска акробација. Но, дека девојката е нинџа за топка - е. Не ни сакате да помислите да ѝ кажете нешто сељачко на тема: земи ги и поиграј се.

Мајсторот и маргарита

За мрзите на кои не им се чита, еве една допадлива интернет верзија на познатото дело на Булгаков. Со што треба да се одликува таа за да биде наречена интернет верзија? Да биде кратка. Оваа е две минути. Ехо од тинејџ публиката: Мора баш цели две минути да се одгледаат?

Полупразна или полуполна? Да!

Ефикасно дизјнерско решение за оние кои не се задоволни од понудената дилема за чашата па сакаат да им важат и двата одговора.

Видео виц на денот

Некои работи и не ни се најјасни од ова видео ама бар знаеме што му вика овој професионален мајстор на човекот кој снима откако излегува на површина:

Неподносливата леснотија на забраните

Залудноста на пуритански потези како што е прохибиција најречито ја објасни Вил Роџерс: "Подобро прохибиција отоклку дa останеме без пиење". Неколку занимливи факти за американската.

Roma Bijav

Mostar Sevdah Reunion & Saban Bajramovic

Нацистичкиот Титаник

Многу години пред Џејмс Камерон, Гебелс посакал и добил своја верзија на најпознатото бродско потопување на светот. Судбината на овој филм ја следи судбината на неговите творци.

Супертешко его во перолесна категорија

Ако не сте по боксот, само пуштете го звукот од коментаторите на овој меч, нема шанси да не ве заинтересира што тоа се случува меѓу јажињата. А се случува еден целосен расчекор меѓу самодовербата и реалноста.

Дали девојката е полугрда или полуубава?

15 фотографии на жени пред и после шминкање. Некои ќе се воодушевуваат од моќта на женската трансформација, некои ќе се ужаснуваат од можноста навечер да легнат со десната а наутро да се разбудат со левата.

Втора рунда расипан телефон

Еве уште една погрешна стихозбирка песни со стихови кои не се нивни ама им лежат идеално. Би функционирало ли ова со македонски песни?