
Титаник е целовечерен филм со пропагандистички намери насочени кон тоа да се прикажат капиталистичката лакомост и британското лицемерие како главни виновници на оваа бродска трагедија.
Снимен е 1943-та и бил најскапиот дотогашен филм произлезен од Третиот Рајх. Премиерата била закажана за почетокот на годината но британската авијација го бомбардира и го руши до темел киното. Премиерата се одложува за крајот на годината но набргу по неа, Гебелс решава комплетно да го забрани филмот, проценувајќи дека во моменти кога Германците живеат под постојани напади, не им треба да гледаат туѓи филмски несреќи.
Слична судбина како кино салата доживува и пристаништето во кое бил сниман филмот кое толку жестоко било бомбардирано од англиските авиони што жртвите од тие напади неколкукратно ја надминуваат бројката на загинати во самиот Титаник.
Претходно, по една недела проблематично снимање, првиот режисер на Титаник свикал кризен состанок и на не баш пријатен начин им кажал на офицерите кои биле дел од екипата дека нема веќе да толерира да бркаат жени на снимање наместо да бидат стручни консултанти на филмот. Некој го цинкари за ова па Хеберт Селпин набргу завршува на лично испитување кај Гебелс а подоцна е најден обесен во својата ќелија, што е прогласено за самоубиство.
Така судбината на германскиот Титаник станува симбол за пропаѓањето на негови идеолошки творци. Единствениот лик кој "преживува" од оваа наци филмска епопеја е култната филмска икона Сибил Шмиц. 27 години по нејзината смрта, во 1982-ра година, Рејнер Вернер Фасбиндер го овековечува нејзиниот трагичен живот во филмот Вероника Вос.
Ако ве занима како една светски позната приказна може да се раскаже со првенствено идеолошки намери (не дека холивудската верзија е без ронка идеологија), следните час и половина се ваши: