Ждерење од информативната шведска маса

Некогаш, вестите беа настан. Денес, вестите се состојба на свест. Како фрижидер што зуи во позадина. На почетокот не го забележуваш, а потоа те излудува. Вестите немаат време да станат искуство, да се смират, да се преведат во мисла а потоа во став. Така е создаден модерниот  информиран труп. Ги знае сите наслови, но не разбира ниту една приказна. Информиран е уште од првата реченица. Нема трпение да продолжи, бидејќи веќе знае сè.

Александар Апостоловски

Во животот на денешниот човек има нешто длабоко трагикомично, речиси бурлескно: тој никогаш не мислел дека знае повеќе а никогаш не разбирал помалку. Како некому да сте му ги дале сите книги на светот а сте му ја одземале способноста да чита. 

Современиот хомо сапиенс повеќе не живее во светот на информациите. Тој станува нивен роб. Отворете портал - таму војна. Сменете ТВ канал, повторно војна, само на другата страна од светот. Потоа доаѓа реклама за паста за заби, приказна за мачка што свири пијано, но, тоа не е крајот.

Нема одмора док траје информациска обнова!

Гледате драма за исчезната жена, потоа рецепт за палачинки, следуваат приказни за фризурата на Трамп, за фустанот на Меланија, за телохранителите на Путин. Во оваа луда монтажа на реалноста, политиката, трагедијата и тривијалноста се рамноправни.

Некогаш, вестите беа настан. Денес, вестите се состојба на свест. Како фрижидер што зуи во позадина. На почетокот не го забележуваш, а потоа те излудува. Сè додека не снема струја! 

И тука доаѓаме до вистинскиот парадокс на денешниот човек затрупан со информации. Како да нарачал 200 ќебапи, две прасиња цицалчиња, едно јагненце и 10 тепсии баклава. Што ќе изеде од сето тоа? Малку.

Всушност, тоа е суштината. Колку повеќе информации добиваме, толку помалку сме информирани. Не затоа што информациите се претежно неточни, туку затоа што ги има премногу за да имаат смисла. Мозокот, преоптоварен со толку многу ментална храна, преминува во режим на самоодбрана. Со други зборови, се исклучува. Станува рамнодушен.

Таа состојба на „мртво море“ не е недостаток на емоции, туку нивен целосен колапс.

Некогаш, голема приказна можеше да нè тресе со денови. Денес, дури и најмонструозните скандали се распрснуваат во рок од неколку часа. Дури и кога се појавуваат огромни, застрашувачки досиеја како она на Епстин, полни со имиња, обвинувања и злосторства што некогаш би собориле влади и би предизвикале револуции, денес предизвикуваат само колективно кревање на рамениците. 

Луѓето се преплавени со толку многу докази што им е полесно да се преправаат дека не ги гледаат. Едноставен штос: количината создава амнезија!

Тоа е парадоксот на бомбардирањето со информации: колку повеќе има, толку е послаба реакцијата. Како емпатијата да е ограничена од меморијата. Кога тотално ќе се преоптовари, системот се руши.

Парадоксот на Епстин е Сизифовата мака. Нашиот современ Сизиф не го турка каменот, туку зјапа во мобилните телефони во кои е складирано сè. И вестите и телевизиските слики и социјалните мрежи. Тие уреди го мерат и бројот на чекори и крвниот притисок (што може да се смета за обид за убиство на угледни хипохондрици). Тие народни херои имаат дигитални часовници поврзани со нивните мобилни телефони. Тоа е денешниот храбар нов свет што се тркала по падината на рамнодушноста. И додека оригиналниот Сизиф барем знае дека е казнет од боговите, нашиот е казнет од алгоритми, или како и да се вика тоа.

Боговите му дадоа камен на тој несреќен човек, вештачката интелигенција му го одзеде мозокот на овој денешен маченик. Најстрашното е што денешниот Сизиф повеќе не се обидува да избега. Тој се заљубил во својот камен со дисплеј или телевизор од којзнае колку инчи.

Интересно е што толку голем број настани, сместени низ милијарди бесмислени вести што се заменуваат едни со други, го создаваат следниот феномен: тие ги претвораат војните и политичките скандали во статистика. Како да гледаме хорор филм во кој чудовиштето се појавува толку многу пати што ни станува здодевно. И тоа е можеби најопасниот отров на нашето време. Се нарекува рамнодушност.

Човечкиот нервен систем не бил дизајниран за толку многу историја измешана со баналност. Нашите предци можеле да дижестираат вест дека доаѓа опасен облак или дека некој во селото е болен.

Во минатото, вестите патувале бавно, речиси свечено. Гласниците со писма и вреќи патувале со денови или недели, низ дожд и прашина, преку планини и реки. Секоја реченица била осмислена, бидејќи немало „дилит“. Кога ќе пристигне писмо, тоа се отвора како реликвија, со трепет, со внимание, со свест дека она што се чита ја има тежината на времето што поминало за да стигне писмото до примачот.

Телалите некогаш трчаа како живо отчукување на историјата, носејќи вести што можеа да ја променат судбината на градови и држави. Еден гласник, една порака и цела цивилизација би застанале да ја чујат. Денес, за еден час, апсорбираме повеќе трагедии отколку што видел еден средновековен човек во целиот свој живот. И мозокот, секако, мора да каже - доста!

Така е создадена нова форма на модерното битие. Се вика - информиран труп. Тој ги знае сите наслови, но не разбира ниту една приказна. Има мислење за сè, но ниту едно од нив не е длабоко. Информиран е уште од првата реченица. Нема трпение да продолжи, бидејќи веќе знае сè. Човек со енциклопедија во главата кој ги заборавил сите букви.

Така стигнуваме до најстрашната реакција: „Да, па што?“ Војната започна. Ајде!? „Невини умираат масовно“. Стварно? Туку, која е цената на нафтата?

„Да, па што“ изговорено без никаква емоција е можеби најточниот епитаф за современиот човек. Како стигнавме до тука? Просто е. Брзината и количината на информации го убија секој обид за логичко расудување.

Вестите повеќе немаат време да станат искуство, бидејќи мора да се заменат со нови. Немаат време да се смират, да се преведат во мисла, а потоа во став. Тие само минуваат низ нас, претворајќи нè во рамнодушни зомбиња. 

Има ли спас за нас?

Терапијата што ја препорачувам: две недели без да се гледа во каков било екран! Не берете гајле, ништо нема да биде сменето кога ќе се вратите. Освен што светот може да исчезне, но, ако се случи тоа, и онака нема да дознаете.

И едно лично барање. Ако тоа се случи, нека биде помеѓу две рати за хипотеката! Иако, ако добро размислам, светска апокалипса ќе  преживеат лебарките и банките.

Можеби спасението е бегство во природата каде што нема мобилен и ви-фи? Ова не мора да значи одење во пештера, иако идејата има свој шарм, ниту пак уште поназад, на дрво, иако погледот на светот сигурно би бил подобар.

Дали лекот тогаш е во ограничување на внесувањето на информациите?

Да.

Започнете диета!

Александар Апостоловски,
Политика

29 април 2026 - 13:45