- Од јули 2026 проф. Мирко Трајковски, по потекло од Скопје (попрецизно - Буњаковец), со завршен Фармацевтски факултет на УКИМ, е Директор на Одделението за клеточна физиологија и метаболизам при Универзитетот во Женева. Тој е професор на Факултетот по медицина на истиот универзитет од 2013.
- Проф. Трајковски раководи со интердисциплинарен истражувачки тим кој се занимава со најнови експериментални технологии и ин витро модели за да се открие како метаболитичките процеси влијаат врз сложени болести вклучувајќи дијабетес, прекумерна тежина и рак.
- Тој и неговиот тим развиле иновативен метод за откривање на колоректален карцином преку анализа на бактериите во цревниот микробиом, кој е многу помалку инвазивен и речиси подеднакво точен како колоноскопијата.
Подетално за патот на Трајковски во интервју за факултети.мк од 2017.
- Една од најзначајните авторки во регионот, Славенка Дракулиќ, почина на 77-годишна возраст. Во текот на турбулентните 1990-ти, кога националистичките идеи доминираа во јавната сфера, таа остро предупредуваше за опасностите од омраза, војна и колективни заблуди, за кои често беше изложена на напади и предизвици. Последиците беа сериозни – таа се повлече од домашниот јавен живот и се пресели во Шведска, каде што продолжи да гради меѓународна кариера.
- Токму нејзините искуства од егзил и набљудување на посткомунистичка Европа од поинаква перспектива ги трансформираше во серија значајни дела од новинарството. Преку книги како „Балкан Експрес“ и „Кафе Европа“, таа ги доближи сложените политички и општествени процеси што го обликуваа регионот по распадот на Југославија до странската публика.
- Посебно место во нејзиното подоцнежно творештво зазедоа приказни за жени кои останаа во сенка на познати мажи. Таа пишуваше за Фрида Кало, Дора Мар и Милева Ајнштајн, обидувајќи се да фрли светлина врз нивните животи, таленти и лични жртви кои честопати биле занемарени во историските извештаи.
- Во текот на својата кариера, Дракулиќ соработуваше со истакнати глобални медиуми, вклучувајќи ги „Њујорк тајмс“ и „Гардијан“, а нејзините книги се преведени на бројни јазици. Иако доби меѓународно признание за време на нејзиниот живот, нејзините дела денес имаат додадена вредност како документ на времето и потсетник за важноста на критичкото размислување.
- Наум Пановски, годинашен добитник на Рациновото признание за книгата „Коста Солев – смртопис“, на својот Фејсбук профил на 12 јуни ѝ се заблагодарил на жири-комисијата. Но неколку дена подоцна со видео порака објавил дека, всушност, ја одбива наградата. Таа не била прикажана пред присутните на свеченото отворање на манифестацијата „Рацинови средби“ што се одржа во Велес, на 15 јуни.
- „За мене, сево ова, примањето на оваа награда, би било затворање очи пред грдата македонска реалност, би претставувало предавство на моите идеали, уште едно предавство на Коста Солев и давање легитимитет на оваа власт и на секоја друга власт во Македонија од 1991 до денес, кои ја разнебитија, ограбија, разурнаа и обезличија Македонија“ – вели, меѓу другото во видеото, Пановски, кој додава дека неприкажувањето на истото на 15 јуни е непромислен чин, кој го смета за цензура и кршење на уставното право на слободен говор.
- Организаторот на настанот, Општина Велес, пак, во писмено соопштение, како краток одговор на реакцијата на наградениот Пановски, посочи: „Обраќањето на добитникот не е достојно за Рацин, за манифестацијата. Ако не ја прифаќа наградата, зошто се пријавил и конкурирал за ‘Рациновото признание’?“