Во пресрет на премиерата на новата „Одисеја“ на Кристофер Нолан, интересот за делото на Хомер повторно е огромен. Но уште пред повеќе од еден век, во 1911 година, италијанските режисери Франческо Бертолини, Адолфо Падован и Џузепе де Лигуоро ја создадоа првата голема филмска адаптација на епот.
Во времето кога филмовите најчесто траеле само неколку минути, ова остварување со должина од 44 минути било вистински подвиг. Дури постоеле сомнежи дали публиката ќе има трпение да следи толку долг филм. Сепак, приказната за долгото патување на Одисеј кон Итака се покажала како доволно привлечна за гледачите.
Авторите не штеделе средства за сценографијата, костимите и специјалните ефекти. Особено впечатлива е сцената со киклопот Полифем, која за тоа време претставувала техничко достигнување. Иако денес ефектите изгледаат едноставно во споредба со современата технологија, комбинацијата од театарска глума, обоени филмски кадри и визуелни трикови создала посебна атмосфера што ја доловувала магијата на античкиот свет.
„Одисеја“ била вториот голем литературен проект на истите режисери за студиото Милано филмс. Претходно тие го снимиле „Пеколот“, филм инспириран од „Божествената комедија“ на Данте, кој со своите 73 минути се смета за првиот долгометражен италијански филм.
Денес, кога публиката повторно е навикната на кратки видеосодржини, тричасовната „Одисеја“ на Нолан изгледа како смел потег. Сепак, она што може сега да го направи современата технологија е неспоредливо со подвигот на филмските автори од почетокот на 20 век.