Пуканките се една од најстарите закуски што човештвото сè уште ги јаде. Археолошките откритија во Перу покажуваат дека луѓето ги подготвувале уште пред околу 6.700 години. Подоцна, европските истражувачи забележале дека домородните народи во Северна и Јужна Америка пукале зрна пченка во жежок песок или над оган и ги користеле како храна или ги додавале во супи.
Современата приказна започнува во 1885 година, кога Чарлс Креторс во Чикаго ја создава првата машина за подготовка на пуканки на пареа. Таа брзо станува атракција на саеми и јавни собири, а наскоро и електричните машини го прават овој производ уште попопуларен.
Кога се појавиле првите киносали, сопствениците не сакале посетителите да внесуваат пуканки. Тие сакале киното да изгледа како елегантен театар, а трошките и бучното грицкање не се вклопувале во таа слика. Ситуацијата се променила со појавата на звучниот филм во 1927 година, бидејќи музиката и дијалозите го прикривале шумот од грицкањето.
Во времето на Големата депресија, киното било едно од ретките достапни задоволства. Евтините пуканки станале омилена придружба на филмските проекции, а сопствениците на кината сфатиле дека заработуваат повеќе од нивната продажба отколку од самите билети. За време на Втората светска војна, кога шеќерот бил ограничен и бонбоните станале скапи, потрошувачката на пуканки дополнително се зголемила.
Иако денес тие се главната кино-ужинка низ светот, секоја земја има свои вкусови и традиции. Во Индија често се зачинуваат со масала, во Јапонија се додаваат алги, а во Кина најпопуларни се карамелизираните пуканки. Во Австралија и Нов Зеланд, пак, речиси неизбежен дел од киното е сладоледот „чок топ“, додека во колумбискиот регион Сантандер посетителите понекогаш грицкаат печени мравки – локален специјалитет што се смета за вистински деликатес.
И покрај сите овие разлики, мирисот на свежо подготвени пуканки останува еден од најпрепознатливите симболи на киното. За многумина, токму тој мирис и звукот на крцкањето се дел од магијата што домашното гледање филмови сè уште не може целосно да ја замени. За оние како нас, останува или да трпиме дур некој друг џвака или да не одиме во кино токму поради пуканките.