- Новозеландскиот актер Сем Нил, кој светската публика најмногу го памети по улогите во филмовите „Паркот Јура“ и „Пијано“, почина во Сиднеј на 78-годишна возраст. Во објава на неговите профили на социјалните мрежи, семејството наведе дека смртта била „ненадејна и неочекувана“. Нил во 2023 година откри дека му бил дијагностициран ангиоимунобластичен Т-клеточен лимфом, редок и агресивен вид на не-Хочкинов лимфом. По лекувањето со терапија со генетски изменети Т-клетки, во април оваа година соопшти дека повеќе нема траги од болеста.
- Во текот на својата богата кариера Сем Нил важеше за еден од најразновидните и најпрепознатливите актери од Нов Зеланд. Со леснотија настапуваше и во авторски филмови и во големи холивудски продукции. Најголема светска слава стекна со улогата во „Паркот Јура“, а во филмот „Пијано“ го толкуваше сопругот на ликот што го играше Холи Хантер.
- Тој припаѓаше на генерацијата актери и режисери кои стекнаа меѓународна афирмација по подемот на австралиската кинематографија кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век. Иако целиот свет го доживуваше како новозеландски актер, неговите корени се во Северна Ирска. Роден е во 1947 година во градот Ома, во округот Тајрон, каде што неговиот татко, офицер во Ирската гарда и по потекло Новозеланѓанец, бил распореден на служба.
(фото: EpaImages)
- Оние што како нас секој ден решаваат Зборле знаат дека зборовите почнаа да се повторуваат - сепак со пет букви има ограничен фонд. Сега на Михаил Стевчев му текнало да направи зборле со 6 букви - Шестерка.
- Кодот му е опен сорс на неговиот Гитхаб профил, а повеќе детали како одел процесот има во овој пост.
- Го пробавме денес и добро е - оди на линкот.
- Од 26 до 30 октомври 2026 година, Кино Фросина при Младинскиот културен центар и Џебното кино во Скопје ќе бидат место каде планините „зборуваат“ преку филмови, презентации, средби со гости и активности за сите генерации. Сите настани се бесплатни.
- ЕХО 17 носи петдневна програма, овојпат со 49 проекции од меѓународната селекција. Приказните ги спојуваат алпинизмот, планинарењето, спелеологијата, екологијата, културата, авантурата и секојдневниот живот во планинските заедници. Покрај филмовите, публиката ќе може да слушне домашни и странски гости, да присуствува на разговори и да ги доведе децата на детски работилници.
- Фестивалот се отвора во понеделник, 26 октомври, во 19:00 часот во Кино Фросина. Веднаш потоа Спелеонуркачкиот клуб „Врело“ ја претставува пештерата Врело во Матка, најдлабоката пештера во светот истражена од човек, со длабочина од 338 метри. Првата вечер завршува со филмот „Фрост – приказната на животот“ на Том Сивел од САД.
- Програмата не е само за алпинисти и планинари. Таа е за секого што сака добра приказна за природата и луѓето. Ќе се прикажуваат филмови за големи искачувања, скијање, пештерски истражувања, диви реки, климатски промени, женски приказни од планината и заедниците што живеат покрај неа.
Програма по денови тука