Приказна 1: Се вика Нихил Муса. По вера е јазид, по националност Курд, родум од ирачкиот град Халабија. Жртва е на режимот на Хусеин. По долги скитања низ светот, почнува да работи како готвач во азилантски центар во Данска. Од таму заминува во САД, каде преку интернет го пронаоѓа Оаха Џим, некогашна телевизиска ѕвезда, кој целиот живот чека некој да го изеде. Договорот е направен, Муса е сит, а овците на Џим конечно на број..
Приказна 2: Матеј Чурко е од словачкото место Кошице. Опремен е со сè што е потребно за добра гозба - три вида зачини, за скара, шницли и печено свинско, повеќе ќесички бибер, неколку шишиња вотка, алуминиумски тањири, голем нож и пила за коски. Има тука и таблети за зашеметување и гајтани за врзување на жртвата, сето тоа фино прикажано на фотографиите пронајдени во неговиот ранец, кои словачката полиција ги објавува откако ги открива деталите на неуспешниот канибалски план. Претходно Матеј преку интернет бара жртва која доброволно би се согласила да биде изедена, а со Швајцарецот кој ја прифаќа неговата покана за ручек со недели се допишува на англиски, опишувајќи му како планира да го изеде, и кои делови од телото му отвараат најголем апетит („ќе ти го изедам пенисот").
Швајцарецот сепак на крај се премислува, па на закажаниот состанок во шумата близу местото Кисак ја праќа полицијата. По кратко натегање, инспекторот пука во човекојадецот, и тој умира на пат до болницата. Во неговиот стан се пронајдени и фотографии на распарчени женски лешеви, кои ги чувал за спомен на претходно успешните акции. Тоа се најверојатно две девојки со претходна историја на психички растројства, кои преку интернет барале доброволец да ги убие, бидејќи самите не биле способни да кренат рака врз себе. На двете им се губи трагата откако заминале во Кисак, истото место каде Матеј требало да се сретне и со Швајцарецот.
Приказна 3: Руската полиција апси маж кој е фатен како го јаде џигерот на другар му. Канибалот е откриен според трагите на главата и други делови од телото на жртвата, лоцирани на неколку места во Москва. „Кога дошла да го приведе, полицијата го начекала мажот како јаде човечки џигер со компири", изјавува портпаролката на московската полиција. Дел од џигерот е пронајден и во фрижидерот, да остане и за ужинка..Човекот го признава делото, иако не кажува дали го убил пријателот, или тој веќе бил мртов кога почнал од него да прави компир манџа.
На што би типувале кога би ве прашала која од наведените приказни е реална, а која измислена? Потврдувајќи ја старата вистина дека ниту една фикција не може да ја достигне фасцинантноста на стварноста, особено кога се работи за мрачните страни на човештвото, Арсенијевиќ ни ја смислил првата од трите. За другите две „приказни" медиумите известија минатата недела, во растојание од само неколку дена (и не дека се први такви случаи, ама се најтазе). Одамна ми требаше повод да ја претставам „Предатор", која излезе 2008, а да не помислите дека има врска со Заев, бидејќи таква врска и нема – јунаците на претходните приказни не јадат живи луѓе. Прво си ги убиваат...
За оние кои не го знаат Арсенијевиќ, неколку биографски податоци за него. Роден 1965, тој е наградуван и меѓународно познат српски писател, преведувач, уредник и публицист. Во 1994 година ја доби Ниновата награда за дебитантскиот роман Под палубата („У потпалубљу"), со што стана најмладиот добитник на оваа барем во тоа време престижна, и прилично конзервативна награда. Оваа антивоена книга подоцна беше преведена на 20 јазици, што го вброи Арсенијевиќ во групата најпреведувани српски автори на сите времиња. Од тогаш има објавено уште четири романа, меѓу кои и Предатор (се уште непреведна на македонски). Ја формира познатата издавачка куќа Ренде, каде работи како уредник. Живее и работи во Белград, со чести отсуства. Од 1997-2000 живеел во Мексико сити, каде бил член на Лос Армстрингс, бенд формиран во хотелска соба, од привремени жители на Мексико, каков што бил и самиот тој. Со нив го издава единствениот и најверојатно последен албум од овој бенд, со наслов Вандерлуст, на кој свири на гитара (ќе ве поштедиме од аудио).
Кога пред нешто повеќе од два месеца Предатор беше прогласена за најчитана книга во библиотечната мрежа во Србија - традиционална награда која ѝ се доделува на „најдобрата најчитана книга" од домашен автор во изминатата година – чувме дека Арсенијевиќ бил повторно во странство, па некој друг во негово име ја примил плакетата. Можеби во некоја друга егзотична земја бара членови за нов бенд, или материјал за нов роман. А можеби само сака да најде подобро вработување, со неговата диплома од – средно угостителско!
„Предатор" кај српската критика наиде на поделени мислења. Некои го обвинуваат авторот дека лукаво го користи бизарниот мотив на канибализмот за да протне една, во основа површна и некохерентна збирштина од приказни и ликови, кои (колку иронично) делуваат бледо и безживотно. Со други зборови, во сенката на човекојадецот со симболично име Нихил, сите други ликови – протераниот Албанец од Косово, панкерот Дрен Кастрати, босанскиот џанки Хасан Халиловиќ Дамбо, белградските мангупи и берлинските анархисти – стануваат споредни и бргу испаруваат од сеќавањето откако ќе ги склопите страниците. Други пак со стоечки овации ја поздравуваат Гринавејската бизарност на Арсенијевиќ, споредувајќи ја мозаичната структура на неговото дело со Алтмановите „Кратки резови". Поврзаноста, според нив, на сите други приказни со главната, околу која гравитираат, е што и во нивниот свет тие се осудени на тоа да бидат проголтани, сварени и на крај отфрлени. Иронијата е уште поголема што оној кој посакува да биде реално, а не симболично изеден, е токму Американец. Да биде изеден е негова перверзна желба. На оние од Балканот тоа им е судбина..
Реакцијата што овој роман сигурно ќе ви ја предизвика е органска - поткревање на дијафрагмата и стегање на желудникот. Но тој ќе ви овозможи и влез во свет каде дури и најчудовишните постапки имаат своја „логика", затоа што се производ на уште посурова лична и колективна историја, во која луѓето можеби не се зачинуваат пред да бидат поставени на свечен астал, но затоа меѓусебно се „јадат", убиваат и уништуваат на многу други начини. Границата помеѓу оној кој јаде и оние изедените е флуидна, и потребна е само промена на контекстот за играчите да си ги заменат местата. Помислете на ова следниот пат кога некоj ќе ви изјави дека толку многу ве сака што „му доаѓа да ве изеде". Ако истовремено лупи компири, бегајте!