
фото: Epa Images
Во неодамнешно гостување во подкастот Клаб Рендом на Бил Маер, Вуди Ален проговори за своето искуство со Доналд Трамп, со кого работел во 1998 година за филмот „Славната личност“ (Celebrity). Иако нагласи дека не се согласува со неговата политика и дека на последните претседателски избори во 2024 гласал за Камала Харис, тој сепак го пофали Трамп за неговиот актерски талент и харизма пред камера.
Ален потсети дека во филмот, каде главните улоги ги имаа Леонардо ди Каприо и други холивудски ѕвезди, Трамп се појавил само во кратка сцена. Таму, во разговор со новинарка за неговите идни проекти, Трамп шеговито изјавил дека „работи на купување на катедралата Свети Патрик и можеби ќе ја урне за да изгради многу висока и убава зграда“. Иако кратка, сцената покажала доза на самоиронија и актерска приспособливост.
Ален објасни дека Трамп бил „да ти е мерак да работиш со него“ – многу љубезен, точен, професионален и со природен талент за шоу-бизнис. Според режисерот, тој дури имал „харизматичен квалитет“ што го изненадило, бидејќи бил навикнат да го гледа Трамп во сосема други контексти – како љубител на кошарка, голф и избори за убавина. Истовремено, тој призна дека бил изненаден кога Трамп влегол во политиката: „Политиката е ништо друго освен главоболки, тешки одлуки и постојана агонија. А ова беше човек кој уживаше во спорт, игри и забавни активности. Тешко ми е да сфатам зошто би се впуштил во свет на толкави проблеми.“
Иако не се согласува со неговите политички ставови, Ален вели дека доколку некогаш би имал можност да го режира Трамп повторно, дури и во улога на претседател, би можел да направи „чуда“. Сепак, со доза на реалност заклучува: „Тоа нема да се случи.“
Во меѓувреме, Ален повторно се најде во центарот на јавноста кога виртуелно учествуваше на филмски фестивал во Москва во чест на еден руски режисер. По критиките за неговото појавување, тој јавно се огласи со став дека во однос на конфликтот во Украина, „Владимир Путин целосно греши“.