
На последниот наставно-научен совет на Харвард во пролетниот семестар 2024 година, по една учебна година обележана со конфликти и оставка на ректорот, професорите во еден момент почнале колективно да се смеат. Деканот Ракеш Курана, како и секоја година, давал извештај за резултатите на генерацијата која дипломира. Кога дошол до просекот на оценки, се насмеал – бидејќи просечната оценка (тн. GPA - Grade Point Average) билa околу 3.8, бројка што звучи апсурдно (најниско е 0, највисоко 4). 79% oд оценките биле 3.8 или повисоко, што е повеќе од 2021, кога процентот на највисоки оценки бил 64% и од 2020 кога овој процент бил 54%. Наскоро и останатите професори се приклучиле на смеата, свесни дека студентите вложуваат многу помалку труд отколку што би требало за вакви резултати.
Универзитетот претходната година спровел студија преку Комитетот за академски живот и дошол до заклучок дека оценките стануваат сè повисоки, а студентите сè помалку присуствуваат на предавања и сè помалку вложуваат труд во учењето. Повеќето, според извештајот, ја ставаат академската работа на второ место, а многу повеќе се интересираат за воннаставни активности. И покрај тоа, анкетираните студенти изјавуваат дека чувствуваат повеќе стрес од кога било. Кога сите добиваат високи оценки, конкуренцијата се префрла на други полиња – секоја оценка Б (што би се рекло 9-ка), колку и да е ретка, станува извор на страв, па студентите се фокусираат на клубови, практикантства и престижни воннаставни ангажмани за да се издвојат пред идните работодавци.
Историјата на проблемот со инфлацијата на оценки на Харвард покажува дека намерите биле добри. Универзитетот прима студенти кои цел живот имале совршени резултати, па притисокот да го одржат тој просек е огромен. Во исто време, професорите се соочуваат со очекувања да бидат поприлагодливи кон студенти со различни позадини, ментални потешкотии или недоволна академска подготовка. Малкумина сакаат да се етикетираат како „строги оценувачи“ и да ризикуваат празни училници или лоши студентски евалуации. Така, постепено, нормите се олабавуваат, а просекот на оценки во последните децении драматично расте. Пандемијата само го има забрзано овој тренд.
Но високите оценки не ја намалуваат анксиозноста – напротив, бројот на студенти кои бараат психолошко советување е речиси тројно зголемен во последната деценија. Многумина дури и не учат за испит, бидејќи знаат дека резултатите нема значително да им наштетат. Наместо интензивна академска дебата, во центарот на животот на студентите се селат клубовите. Тие функционираат речиси како минијатурни компании: со селекција, интервјуа и строг процес на прием. Најексклузивните клубови се толку конкурентни што шансите да се влезе во нив се речиси исти како шансите за упис на Харвард. Во оваа паралелна хиерархија, школската работа често останува на страна.
Сега администрацијата на Харвард се обидува да ја врати тежината на академскиот живот. Факултетот го измени студентскиот прирачник, нагласувајќи дека присуството на часови и вложувањето труд во учењето мора повторно да бидат приоритет. Се разгледуваат предлози како промена на начинот на оценување, поставување нови стандарди и колективно заострување на политиките за да не се издвојува поединечен професор. Искусството од други универзитети покажува дека ова е сложена задача, но на Харвард постои чувство дека промената е неопходна за да се врати кредибилитетот на институцијата и да се охрабрат студентите повторно да ја сфатат својата академска мисија сериозно.