Гардијан за новиот филм на Теона Митевска за Мајка Тереза: „Неверојатно интензивна приказна со примеси на хумор“

„Мајка“ на Теона Стругар Митевска вчера, 27.08., ја отвори програмата Хоризонти на 82-риот Филмски фестивал во Венеција. Со Номи Рапас, ѕвездата од „Девојката со тетоважа на змеј“ и Никола Ристановски во главните улоги, филмот веќе добива позитивни критики од светските медиуми кои го следат фестивалот. Со нетрпение очекуваме премиера во Македонија, која со оглед на (во најмала рака) неконвенционалениот пристап може да предизвика бранувања и потребни дискусии за светоста и човечките слабости.

„Чудна, храбра драма“, пишува The Wrap за новиот филм „Мајка“ на Теона Митевска кој беше премиерно прикажан на Венецијанскиот филмски фестивал, во рамки на програмата Хоризонти. „Номи Рапас е фанатична Мајка Тереза полна гнев“, додава критичарот Ксан Брукс во Гардијан

Дејството се случува во 1948 година, во жешкото срце на Калкута. Сестра Тереза е изморена од својата учителска улога во манастирот Лорето Ентали. Таа му се жали на свештеникот Фридрих (Никола Ристановски) дека е „жена во систем управуван од мажи“, а во исто време чувствува и повик одозгора. Затоа поднесува барање до Ватикан за основање сопствена мисија. Но, одговорот не доаѓа, нејзиното трпение се тенчи, а на повидок е уште поголем проблем: наследничката сестра Агњешка (Силвија Хукс) признава дека е бремена. Тереза е шокирана и згрозена, но во исто време ја сака и сочувствува со неа. 

Рапас самиот филм пред премиерата го опишала како „панк-рок“ поглед на светицата од 20 век, а за ова според критичарот на Гардијан придонесува и саундтракот. Врвот во оваа смисла според него е ноќна сцена кога монахињите, „невестите Христови“, се препуштаат на хедбенгинг и див танц. 

Филмот сепак отвара пошироки прашања отколку деконструкција на улогата на „светица“: дали мотивите на Тереза да им служи на сиромашните се навистина алтруистички? Писателот Кристофер Хиченс ја опишуваше како личност која повеќе сакала сиромаштија отколку што ги сакала сиромашните, гледајќи во бедните населби на Калкута терен за нови католички верници (за ова види претходно тука). „Мајка“ според критиката не нуди јасен одговор, но честите „божји“ кадри на настаните оставаат простор за интерпретација – дека повисока сила ја води и ја тестира нејзината вера.

Холивуд Рипортер пак акцентира дека филмот на Митевска се базира на истражувањата кои ги правела за нејзинот документарен филм од 2000-тата, „Тереза и јас“. Како суштинска за овој филм пак ја наведува харизматичноста на носителката на главната улога, како и играта со современи моменти во костимите и дизајнот (патенти на монашките одежди, маици што рекламираат брендови како Јутјуб носени од статистите и модерни индиски локации), кои можеби сакаат да укажат на тоа дека духот на Тереза се уште талка низ нашите улици. 

Автори на сценариото се Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарагиќ, а продуценти се Лабина Митевска и Себастијан Делој. 

28 август 2025 - 11:21