Точниот број на руски дезертери не е јасен, бидејќи Москва ги крие податоците како строго чувана воена тајна. Јавно достапни информации укажуваат дека од почетокот на војната во февруари 2022 година до мај 2025 година, руските власти осудиле околу 28.000 војници поради неовластено напуштање на своите единици, објави порталот Медуза во сопствена истрага за дезертерство.
Анализа на воено-разузнавачката група Фронтелиџенс покажува дека реалниот број на руски дезертери е многу повисок.
Ако продолжат сегашните трендови, во текот на 2026 година може да се очекува да дезертираат околу 70.000 руски војници, тврди групата. Сепак, се додава дека Русија релативно лесно ги компензирала загубите со постојан проток и ротација на добро платени доброволци, кои потпишуваат месечни договори.
Двете земји се разликуваат во пристапите за регрутирање и за казнување на дезертерите. Според неофицијални проценки Русија регрутирала над 150.000 затвореници. Федералната служба за казнени установи (FSIN) објави дека бројот на затвореници се намалил од околу 420.000 пред војната на под 300.000, што е најниско ниво во модерната руска историја. До 2023 година затворениците главно беа испраќани во паравоените единици Вагнер на Евгениј Пригожин, а по нивниот бунт и расформирањето програмата ја презеде Министерството за одбрана.
Откако го исцрпи потенцијалот од затворите, Кремљ се префрли на политика да нуди екстремно високи плати и бонуси за потпишување времени договори за да привлече доброволци. Во некои региони бонусите од 40.000 долари се повисоки од годишните просечни плати.
Откако го исцрпи и овој потенцијал, новата фаза е построг однос кон дезертерството и објавување национални потерници. За напуштање на воената служба се предвидени казни до 10 или 15 години затвор, но поедноставно и попрактично решение е испраќање на дезертерите на фронтот. Тоа треба да претставува заплашување, особено за оние војници што веќе биле регрутирани од затвор и сакаат да се вратат зад решетки.

Украинските власти, пак, од почетокот на војната покренале 311.327 кривични постапки поради неовластено отсуство од воените единици – над 56.000 за дезертерство и 255.000 за одбивање на задачи на позицијата на која се распоредени. Особено висок бил степенот на дезертерство во првите 10 месеци од минатата година. Повеќе од 100.000 случаи веќе стасале до судски процес.
Проблемот најдобро беше илустриран со колапсот на елитната 155-та механизирана бригада, која беше испратена на обука во Франција и доби дел од најнапредното западно оружје што му беше испорачано на Киев за да ја спроведе инвазијата кон Курск во 2024 година. Стотици дезертираа штом пристигнаа во Франција или на враќањето назад, откако беа обучени и добија опрема од НАТО. Подоцна над 1.700 си заминаа пред да испукаат куршум. Бригадата беше распуштена и преостанатите војници беа прераспределени во други единици.
За да ги обнови формациите, Украина ги затвори границите за излез на мажи на военоспособна возраст и воведе задолжителна воена служба. Киев сè повеќе се потпира на омразената тактика на „бусификација“ - Центрите за територијална регрутација и социјална поддршка (TCK) ги ловат регрутите и на сила ги префрлаат во автобуси. Веќе објавивме за неодамнешните тензии во Лавов, традиционално еден од најпатриотските градови во Украина, кога обид за „бусификација“ ескалираше во масовни немири.
Русија има поголем број жртви, но Украина пропорционално губи многу повеќе војници на фронтот. Пред војната Русија имаше пет пати повеќе жители од Украина, но потоа над 5,7 милиони Украинци избегаа од земјата и не се вратиле. Од оние што останале во Украина, половина се пензионери. Многумина се ослободени од воена обврска поради здравствени причини, како самохрани родители или како родители на повеќе од три деца. Од преостанатите, голем број мажи се кријат.
Тоа значи дека во реални услови, базенот на потенцијални регрути на Украина е десет пати помал од рускиот, што за исходот на војната може да биде поважно од напредното оружје и муницијата.
******
Види и: Наместо со пендрек, Зеленски ќе мобилизира со високи плати
Украина со бодликава жица запира дезертери