Четири години по руската инвазија, претседателот Володимир Зеленски отворено признава дека лошата политика за мобилизација не само што го остава фронтот без доволно војници, туку и го зголемува отпорот на Украинците кон присилните мерки.
Според официјалните бројки од Киев, околу 2 милиони мажи на военоспособна возраст се кријат од мобилизација. Уште стотици илјади војници ги напуштиле своите единици.
Воената полиција настојува да ја пополни таа дупка со озлогласените рации познати како „бусификација“ – ловење и грабнување на регрутите што ја избегнуваат воената обврска и префрлање во автобуси што ги носат директно до касарните. Агресивноста на овие грабнувања уште повеќе го зголемуваат отпорот кон регрутацијата.
Има многу дезинформации. Русија го прави ова намерно за да покаже дека Украина ги апси сите. Тоа не е целата вистина, се жалеше Зеленски.
Претседателот сега планира темелна промена на процесот за мобилизација. На новиот министер за одбрана Михајло Федоров му наредил да го реши проблемот со бусификацијата. Извори од Киев тврдат дека Украина ќе се приближи до рускиот систем на трајна мобилизација, преку механизам за финансиски стимулации, како „морков наместо стап“.
Можеме да преминеме кон договорна мобилизација во армијата, исто како што прави (рускиот претседател) Путин. Тој им плаќа на сите за договор. И ние го сакаме тоа, ама ни недостасуваат ресурси. Тука Европејците можат да помогнат, изјави Зеленски.
Се дискутира за значајни плати и бонуси за војниците. Месечните плати на војниците во заднината би биле зголемени на околу 50.000 гривни (приближно 1.000 евра), а надоместокот за борбено учество би се зголемил од сегашните 100.000 на 150.000 гривни (од 2.000 на 3.000 евра). Планирани се и еднократни бонуси при потпишувањето на договорот.
Ова би значело ново оптоварување од милијарди евра на државниот буџет на Украина, кој зависи од меѓународни кредити и донации. Европската Унија, од друга страна, не може да го испорача ни ветениот заем од 90 милијарди евра, без кој украинските власти нема да можат да ги задоволат ни основните обврски.

Втората компонента од реформата е воведувањето јасно дефиниран рок на договорот со војниците. Русија привлекува нови регрути со високи бонуси и договори на одредено време, особено за единиците што управуваат со беспилотни системи. Во Украина речиси сите војници служат без јасно дефиниран датум на крај на обврската. Украинските војници на линијата на фронтот постојано се жалат дека не можат да добијат ни отсуство.
Офицери од Дњепар предупредуваат дека временската рамка може да поттикне голем број искусни војници да заминат од армијата кога ќе им истечат договорите на две или три години.
Спротивно на новата иницијатива на Киев, некои воени команданти повикуваат на драстично заострување на мобилизацијата - дури и за намалување на возраста за регрутација. Еден командант на баталјон јавно предупреди дека во кризна ситуација „борбените единици ќе се мобилизираат самите“.