- Француските власти забранија пиење и продажба на алкохолни пијалоци на отворени јавни места во регионите во 49 региони во кои е прогласена „црвена тревога“ поради топлотниот бран со температури над 40 Целзиусови степени.
- Забраната важеше и на вчерашната прослава на Фестивалот на музиката во Париз. „Комбинацијата од алкохол, топлина и близина до вода се фактори на ризик“, изјави градоначалникот на Париз, Емануел Грегоар.
- Денеска ќе бидат затворени 845 основни и средни училишта поради прогнозата дека температурите ќе достигнат 42 степени.
- Шпанија официјално го прогласи првиот топлотен бран годинава, откако температурите се кренаа над 42 степени. Исто толку се очекува да достигнат и во Португалија, а во Италија и во Британија до 37 степени.
- Преговарачките тимови од САД и од Иран ги опишаа како продуктивни првите директни преговори во Швајцарија, иако иранската делегација вчера предупреди дека ќе си замине поради вербалните закани од Доналд Трамп за нови напади. Иранците потсетиле дека во Меморандумот за разбирање двете страни се обврзаа да се воздржат од закани за употреба на сила.
- Преговорите продолжиле до доцна вечерта. Делегациите се согласиле да формираат Комитет на високо ниво, кој ќе обезбеди политички надзор на преговорите, и работни групи фокусирани на нуклеарните прашања, санкциите и другите спорови.
- Главното прашање било воспоставувањето механизам за да се гарантира прекинот на огнот помеѓу Израел и Хезболах во јужен Либан. Израел во саботата потпиша новo примирје и речиси веднаш го прекина со напади. Техеран реагираше со делумна блокада на сообраќајот низ Ормускиот проток.
- САД и Иран се договориле да воспостават „комуникациска линија“ за Ормускиот теснец, која ќе функционира сè додека траат преговорите, со цел да се избегнат инциденти.
- Иран, според претставници на медијаторите, добил дозвола за ограничен извоз на нафта и петрохемиски производи и му биле ослободени некои замрзнати сметки. Американските претставници не го потврдија тоа.
- Израелските напади врз јужен Либан убија најмалку седум лица, вклучувајќи две деца, само неколку часа откако се објави дека е постигнат договор за прекин на огнот.
- Ден пред договорот, Израел и Хезболах се маваа јако: загинаа 47 луѓе во Либан и четворица израелски војници.
- Инаку, двете страни рекоа дека ќе го почитуваат договорот.
- Договорот меѓу САД и Иран бара прекин на воените операции во Либан и почитување на неговиот суверенитет но ни Израел ни Хезболах не се потписници на тој договор.