Руските власти во изминатите месеци покренаа координиран напор за стимулирање и мотивирање на таленти за вештачка интелигенција. Целта е да се изградат домашни модели со вештачка интелигенција, развиени на домашен хардвер и податоци, со почитување на традиционалните вредности и национални интереси, а сето тоа под контрола од владата и заштитено од надворешни мешања.
За Русија ова е прашање од државен, технолошки и вредносен суверенитет, порача претседателот Владимир Путин на конференцијата за ВИ во ноември.
Путин формираше Претседателска комисија за ВИ, која ги надгледува и соработува со приватните руски технолошки компании. За тоа колку му е важна оваа комисија сведочи фактот што во неа се министерот за одбрана и директорот на Федералната служба за безбедност.
Во март вештачката интелигенција беше додадена на престижната Национална олимпијада по информатика, која се одржува без прекин од 1989 година.
Московскиот државен универзитет, најпрестижниот во земјата, основа нов Факултет за вештачка интелигенција, кој во септември треба да ја пречека својата прва генерација од 72 студенти. Факултетот има финансиска поддршка од олигархот Олег Дерипаска, еден од најбогатите луѓе во Русија. Тој целосно им ги плаќа трошоците од 7.000 долари на повеќе од една половина од студентите. Факултетот има пристап до MSU-270 - еден од најмоќните суперкомпјутери во земјата, промовиран во 2023 година.
Како поддршка на напорите, Московскиот универзитет има и Институт за ВИ, на чие чело е Катерина Владимировна Тихонова, ќерката на Путин. Позицијата на Тихонова веројатно е за да привлече поголемо влијание. Таа има докторат по математика, но не објавила истражувања за ВИ, а и досега во кариерата повеќе се истакна со акробатско танцување отколку како математичарка.
Планот на Кремљ е да го зголеми производството на специјалисти за ВИ од околу 3.000 во 2022 година на 15.500 до 2030 година. Пред овие напори се испречува војната. Многумина талентирани програмери заминаа од земјата од страв да не бидат регрутирани. Од почетокот на 2022 година околу една четвртина од профилите на руските развивачи на софтвер на GitHub престанаа да ја споделуваат својата локација или отворено се префрлиле во други земји.

Сепак, најголемата слабост на Русија е пристапот до неопходен хардвер, поради ограничениот домашен производствен капацитет и строгите санкции.
Историски гледано, Русија е посилна во развојот на софтвер отколку на хардвер. Способноста на земјата да произведува специјализиран компјутерски хардвер потребен за обука и управување со модели на ВИ заостанува со децении зад Кина и САД, укажува Семјуел Бендет, советник во Центарот за поморска анализа.
Суперкомпјутерот на Московскиот универзитет не е доволен. Откако почна војната во Украина, САД забранија извоз на полупроводници за Русија. Тоа ја принуди да се потпира на залихите и на чиповите што ги купила на црниот пазар, но САД сега воведуваат технологија за следење на локациите на чиповите.
Кина, како алтернатива, со своето производство едвај може да ги задоволи сопствените потреби.
Русија веројатно е пониско на листата на приоритетни клиенти, бидејќи Кина е во битка со САД за технолошка доминација, објаснува експертот Ленарт Хајм.