Дојде време САД да се повлечат од Блискиот Исток

Трамп по потешкиот пат откри зошто никој претседател пред него не се осмелил да тргне во војна против Иран. Тие, за разлика од него, ги пресметале силите. Одбивајќи да го прифати поразот, Трамп вели дека САД ќе останат „чувари на Блискиот Исток“. Реалноста одговара дека ќе треба да направи уште нешто како ниту еден пред него: да ги повлече САД од Блискиот Исток.

Операцијата Епски бес е само еден од низата стратегиски порази на САД на Блискиот Исток во изминатите 36 години, по Пустински штит и Пустинска бура против Ирак.

Во јануари 1968 година, британскиот премиер Харолд Вилсон објави дека Обединетото Кралство ќе ги повлече своите сили од Персискиот Залив. Британија повеќе не можеше да си го дозволи она што остана од нејзината глобална империја, вклучувајќи ги и своите бази во Заливот. Британските сили го завршија повлекувањето „источно од Суец“ во декември 1971 година.

Така почна долгото и бавно зголемување на американските сили во регионот. На почетокот, САД останаа на море со носач на авиони, кој периодично пловеше по Индискиот Океан за да го покаже знамето, заедно со скромна морнаричка операција со седиште во Бахреин. Дури откако ирачкиот лидер Садам Хусеин го нападна и го окупираше Кувајт во август 1990 година, САД се појавија на брегот и во основа останаа.

Билансот на САД во следните 35 години не беше добар. Вашингтон се заложи да изгради држава за Палестинците, да го трансформира ирачкото општество и да воведе западна демократија во земјите од Блискиот Исток. Ништо од тоа не функционираше, исто како ни гамбитот на Трамп против Иран. Поради сите овие причини, ако постои нешто со кое се согласуваат двете партии, тоа е потребата САД да се одвојат од регионот.

Слободниот проток на енергетски ресурси од регионот долго време беше главна цел на Вашингтон на Блискиот Исток, но се чини дека и тоа се менува. Малку е веројатно дека глобалната економија може да се декарбонизира, но демократите сакаат да инвестираат во енергетска транзиција и затоа што тоа значи излез од Блискиот Исток.

Во исто време, многу републиканци се прашуваат зошто Вашингтон да продолжи да биде гарант на безбедноста и стабилноста во Заливот кога САД се најголемиот производител на нафта и гас во светот.

Во ваква ситуација и во време кога САД им се враќаат повеќе на внатрешните проблеми,  тешко е да се продаде трошењето неброени милијарди долари за обнова, поправка или замена на американските објекти и опрема во регионот поради погрешно осмислена и непопуларна војна.

Постои добра шанса иднината да изгледа многу слично на минатото - со американски носач на авиони што ротира низ регионот, ситно поморско присуство во Бахреин и можеби воздухопловно крило со седиште во Јордан. Тоа не е ништо. Американската ера на Блискиот Исток завршува.

И што ќе прават партнерите на Вашингтон кога Трамп ќе се збогува? Немаат замена. Пекинг научи добра лекција од авантурите на Вашингтон на Блискиот Исток и се чини дека е решен да не ја повтори грешката. Прашање е дали сојузниците ќе продолжат да купуваат американски ракети од 4 милиони долари за да пресретнат беспилотни летала што чинат 35.000 долари. Ако Вашингтон не е обврзан кон нив, тие не мора да се обврзат да купуваат оружје од САД, особено ако тоа не е соодветно за еволуцијата на војувањето. Полза од ова веројатно ќе извлечат Кина, Јужна Кореја, Турција, Украина, па дури и Израел. Некои од нив веќе испорачуваат беспилотни летала, системи против дронови и противвоздушна одбрана.

Нема сомнение, некои земји ќе бидат тажни што Вашингтон си оди. Но, американските партнери во регионот досега требало да разберат дека САД никогаш не биле управител на стабилноста и безбедноста како што тврдеше Вашингтон.

Стивен Кук, Foreign Policy

20 јуни 2026 - 14:03