Економски мит:

Туризмот не може да направи држава богата

Туризмот низ југот на Европа се велича како модерна „тешка индустрија“ и моќен двигател на економскиот раст. Но, ниту една земја во историјата не се збогатила од туризмот, ниту пак некогаш ќе се збогати, забележува аналитичарот Марко Јукиќ. Производството и иновациите се единствениот одржлив пат за трансформација од туристичка дестинација во економски фактор.

Податоци од медитеранските земји покажуваат длабока економска зависност од туристичкиот сектор. Во 2019 година, приходите од меѓународниот туризам сочинуваа повеќе од половина од извозот на Црна Гора и Албанија, како и значителен дел од извозот на Хрватска, Грција, Португалија и Шпанија.

Некои земји се повеќе зависни од туризмот отколку што Дубаи зависи од нафтата, забележува Марко Јукиќ  од Bismarck Analysis.

Тој потсетува дека земјите што ја потпираат економијата исклучиво на туризмот– како Јамајка, Малдивите или Бали – остануваат сиромашни. Очигледните исклучоци, како Монако или Андора, не се вистински примери за успех на туризмот, бидејќи богатството на овие градови-држави потекнува од специјалните даночни и финансиски услови и малобројното население.

Хрватска, според Јукиќ, е највпечатлив пример. За да го достигне БДП по жител на Швајцарија (100.000 долари), Хрватска би требало да оствари неверојатни 1,93 милијарди туристички ноќевања годишно. За споредба, странските туристи остварија околу 85,6 милиони ноќевања во 2025 година и речиси исто толку во претходната. За да го достигне БДП по жител на Германија од 56.000 долари, Хрватска би морала да го зголеми сегашниот туристички промет петкратно, при што туристите би требало да трошат двојно повеќе отколку сега. Тоа е и логистички невозможно.

Туризмот не е доволен како економски двигател поради три главни фактори:

  • Ниска граница на продуктивноста - За разлика од производството или технологијата, основните туристички услуги, како послужување пијалаци, чистење соби или водење тури, нудат малку простор за автоматизација или значителни технолошки унапредувања. Нивото на продуктивност останува непроменето со векови;
  • Трошење ограничени ресурси - Другите сектори можат да се шират на глобално ниво, но туризмот бара ограничени природни ресурси, како плажи, урбани локации и локална работна сила. Како што расте, туризмот ги троши овие ресурси, вршејќи притисок врз сè – од пазарот на недвижности до социјалната кохезија;
  • Екстремна ранливост - Туризмот е исклучително подложен на влијанието на меѓународните кризи, од пандемии и војни до економски рецесии. За разлика од тоа, технологијата и производството можат да иновираат и да се прилагодуваат, создавајќи вредност дури и во тешки времиња. Земји како Тајван (полупроводници), Данска (фармацевтски производи) и Катар (природен гас) го изградија своето богатство врз основа на извоз и услуги со висока вредност.

Економијата заснована на туризам, од друга страна, создава двослојни општества: мала елита што управува со недвижностите и голема работна сила составена од ниско-квалификувани работници. Овој модел не создава продуктивен капитал ниту ги развива човечките ресурси неопходни за прилагодување кон новите технологии.

Да се биде келнер или сопственик на сместувачки капацитети не е иднината што ја заслужува некоја земја, предупредува Јукиќ.

Решението за земјите од Југот на Европа, според него, не е да вложуваат уште повеќе пари во туризмот, туку да се фокусираат на зајакнување на домашното производство, поттикнување нови претприемачи, намалување на даночниот товар за младите и стимулирање на нивните школувани професионалци да се вратат од странство.

14 септември 2026 - 15:59