Иран досега уништил стотици објекти во американските бази

При иранските напади врз американските воени бази на Блискиот Исток биле оштетени или уништени стотици згради и десетици борбени авиони и беспилотни летала, објави американско владино тело за надзор во првиот сеопфатен извештај за операцијата „Епски бес“. Вкупната штета е повисока, бидејќи со извештајот е опфатен само периодот до крајот на јуни.

Во првиот сеопфатен извештај на Генералниот инспектор за војната против Иран се вклучени документи од Пентагон и од Стејт департментот, со повеќе детали за загубените човечки животи, физичка штета и трошоците од војната што паѓаат на товар на даночните обврзници. Се однесува за периодот од 1 април – еден месеци откако почна војната - до 30 јуни. 

Се потврдува дека во воената операција во овој период загинале 14 американски војници – седуммина во борбени дејства и уште седуммина како индиректна последица на војната, а биле ранети 417 Американци во активна служба. Се забележува дека уште четворица војници загинале во јули.

Физичка штета претрпеле „стотици“ објекти во воени бази на САД во Кувајт, Бахреин, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Ирак, Оман и Јордан, но нема прецизни бројки за зградите и проценетата штета.

Детално се наведени оштетените или уништени летала, вклучувајќи шест борбени авиони (од кои половината од „пријателски оган“), 12 авиони за долевање гориво, 7 хеликоптери и повеќе од 30 беспилотни летала. 

Првпат е објавена и претрпената штета и трошоците од иранските напади насочени кон дипломатски објекти. Физичките оштетувања во претставништва во Ирак, Кувајт, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати се проценети на 184 милиони долари.

Стејт департментот на почетокот на јуни објави дека вкупните трошоци поврзани со конфликтот изнесувале 113 милиони долари, при што речиси 80 милиони долари биле за евакуација на американскиот персонал и нивните семејства, како и на други Американци и државјани на трети земји кои ги исполнувале условите.

Во извештајот се потврдува дека војната со Иран предизвикала „стратешки недостиг“ на залихите на муниција. Експерти претходно предупредија дека на одбранбената индустрија ќе ѝ бидат потребни околу три години за да ги надополни резервите на напредни проектили и пресретнувачки ракети на нивото пред војната.

Министерот за одбрана Пит Хегсет кон крајот на јули изјави пред Конгресот дека воените активности до тогаш го чинеле Пентагон 37,5 милијарди долари.

Се забележува дека во истиот период имало продажби на оружје - итни и редовни - во вредност од над 44 милијарди долари за партнерите во регионот, најмногу за Саудиска Арабија.

15 септември 2026 - 10:47