
Ако ги отвориме историските читанки и ги пролистаме со извесен зум-аут, ќе укопчате дека сè е дипломатија. Дипломатијата во суштина е уметност на преживување спакувана во скапи тоалети и евтини лажни насмевки. Таа е последната тенка линија што го дели човештвото од тотален дисдор, општ канибализам и меѓусебно каменување. Сите тие паметни дедовци низ вековите сфатиле дека е многу подобро со часови да се потиш од досада на некоја конференција и тактички да лажеш, отколку да влезеш во војна каде што на крајот сите ќе завршат поразени.
Ама, за волја на вистината, најдобрите мировни договори во историјата никогаш не се потпишани во стерилните, ладни сали на Обединетите нации. Најголемите светски тензии, војни и гранични спорови отсекогаш се решавале на официјалните вечери под маса, каде што храната и алкохолот делуваат како врвни и безмилосни миротворци. Токму затоа, инспириран од овој вековен курназлук, решив мојата кујна да ја претворам во неутрална зона и да организирам дипломатски прием од висок ризик, на кој ниеден нормален конзул не би се нафатил. На чисто балкански терен, закажав официјална средба помеѓу два тотално некомпатибилни света.
Пази сега геополитичка сценографија: од една страна ја имаме нашата традиционална, рустична и социјалистички воспитана баница, навикната на суров фидбек, прекувремена соработка со свинска маст и дружба со едноставната урда. А од другата страна, директно од париските салони со високи тавани и класична музика, пристигнува г-дин Бри (Brie) - аристократски буржуј, завиткан во својот препознатлив бел, кадифен мантил од благородна мувла, кој одбива да разговара со било кој што нема географско потекло од регионот Ил-де-Франс. Со него, како придружба и кулинарска муза, допатуваа и неколку парфимирани круши кои уште од старт покажаа дека немаат намера да се валкаат во класичен мармалад.
Како и на секој балкански прием, првиот шок за гостинот беше сместувањето. Наместо во фин, порцелански калап за тарт, господинот Бри беше брутално принуден да се пикне во рововите на готовите кори кои претходно ги згужвав како хармоника. Но, штом се затвори вратата на рерната, сите предрасуди се стопија под силниот оган. Она што излезе на крајот беше чист триумф: крцкава структура со буржоаско срце, како доказ дека и најголемите кулинарски инциденти завршуваат со лижење прсти.
Намирници:
Темелот и наборите (Балканскиот блок):
- 1 пакување готови кори
- Околу 50-70г путер (стопен, за подмачкување)
Аристократското јадро (Француската делегација):
- 1 цело тркалезно парче Бри сирење (од околу 200г)
- 2 зрели, но цврсти круши (внимателно одбрани)
Мировниот сојуз (Преливот):
- 2 големи јајца
- 200мл неутрална павлака за готвење
- Прстофат сол, свежо мелен црн бибер и лажичка мед
Протоколот:
Земете една правоаголна тава и убаво подмачкајте ја со стопениот путер. Земете ги корите и наместо да ги диплите рамно, почнете да ги виткате како хармоника. Наредете ги во тавата една до друга за да создадете длабоки, збрчкани ровови кои ќе служат како скривници за гостите. Попрскајте ги одозгора со остатокот од стопениот путер.

Ставете го Бри сирењето на даска и со остар нож прецизно исечете го на тенки, издолжени парчиња. Не вадете ја белата кора од мувла, таа е неговиот благороднички пасош и го дава најдобриот вкус.

Измијте ги крушите, пресечете ги на половина, исчистете ги од семките и исечете ги на тенки, елегантни ливчиња.

Тука настапува клучниот дипломатски чекор. Помеѓу секој набор на збрчканите кори, софистицирано пикнете по едно парче Бри сирење и едно ливче круша, менувајќи ги наизменично. Тавата треба да изгледа густо набиена, шарена и тотално исполнета со овошно-млечни сојузници.

Во подлабок бел сад скршете ги двете јајца и додадете ја павлаката за готвење. Зачинете со малку сол и црн бибер, па со лажица или маталка изматете ги додека не добиете мазна, хомогена, бледожолта течност. Рамномерно до дна и без милост истурете го преливот врз наредената пита, пазејќи течноста да навлезе во секоја пукнатина и да ги натопи корите.

По желба, можете суптилно да попрскате неколку капки мед врз крушите за дополнителен драматичен ефект.
Огнено крштевање:
Ставете ја тавата во претходно загреана рерна на 190°C. Печете околу 25-30 минути. Внимавајте на финалниот чин: врвовите на корите мора да станат темно златни и екстремно крцкави, додека Бри сирењето внатре треба целосно да се растопи и да се прегрне со сокот од крушите.

Извадете ја од рерна, оставете ја пет минути да си ги собере мислите од претрпениот културен шок, а потоа исечете ја на крупни парчиња.
Се послужува со ладно бело вино. На здравје!

Кирил Стоименов - Црвена Буржоафрика