За да има договор со Техеран за прекин на војната, Трамп изјави дека сака Иран (оној режим што ќе го рушеше) да го предаде својот „збогатен“ ураниум.
„Не сакаме да збогатуваат, но сакаме и да го предадат збогатениот ураниум“, изјави тој за Си-Ен-Ен минатата недела.
Тој ги наведуваше „збогатените“ резерви на ураниум на Иран како дел од неговите подвижни мотиви за војната, а наводно размислувал и да испрати американски трупи за да ги запленат.
Експертите за нуклеарно оружје велат дека начинот на кој Трамп и неговите преговарачи зборуваат за збогатување на ураниумот покренува сомнежи за тоа колку добро ги разбираат техничките детали.
На пример, Трамп постојано се повикува на „нуклеарна прашина“, што не е познат термин во индустријата за нуклеарна енергија.
И преговарачите Стив Виткоф (референца: поранешен инвеститор за недвижности) и Џаред Кушнер (референца; зет), изнесуваат забелешки за кои експертите велат дека откриваат слично слабо познавање на материјата.
Ураниумот го има во изобилство во Земјината кора, но поголемиот дел од него - околу 99% - е изотопот ураниум-238, релативно отпорен на фисија. Верижната реакција бара изотоп ураниум-235, кој има непарен број неутрони, што олеснува неговото јадро да се раздели.
Само 0,7% од природно присутниот ураниум е таков.
За да се користи како гориво за нуклеарни реактори или за нуклеарно оружје, ураниумот се „збогатува“ за да се зголеми концентрацијата на ураниум-235.
„Гас што содржи ураниум се внесува во каскада од центрифуги што се вртат. Малку потешкиот ураниум-238 се движи кон периферијата на центрифугата, овозможувајќи ураниумот-235 да се собере во центарот. Гасот збогатен со ураниум-235 потоа се вбризгува во следната центрифуга за повторно да се врти, а процесот се повторува додека не се постигне посакуваната концентрација на ураниум-235“ објаснува еден научник.
Ураниумот збогатен од 0,7% до концентрација од 20% се смета за ниско збогатен ураниум кој се користи за цивилни цели. Комерцијалните реактори обично бараат ураниум збогатен на помалку од 5%, додека истражувачките реактори што се користат за тестирање или медицина генерално бараат ураниум збогатен до 20%. Ураниумот збогатен над 20% се смета за високо збогатен ураниум, а ураниумот збогатен над 90% се смета за оружје.
Колку е повисоко нивото на збогатување, толку побрзо ураниумот може да се збогати до оружје. Откако ураниумот ќе се збогати до 20%, огромен дел од работата е завршена за понатаму: станува експоненцијално полесно да се збогати ураниум од 20% до 60% а збогатувањето од 60% на 90% оди уште полесно.
Колку е повисоко нивото на збогатување, толку е помала минималната маса ураниум потребна за производство на бомба. И ураниум збогатен над 20% технички може да се користи за производство на оружје, но би биле потребни околу 400 килограми, што го прави непрактичен. Кога ќе се збогати на 60%, критичната маса паѓа на околу 42 килограми. Ураниумот збогатен до степен за оружје бара околу 28 килограми, што може да се вклопи во ракетна боева глава.
Откако Трамп се повлече од нуклеарниот договор со Иран во својот прв мандат, Техеран го збогатува својот ураниум сè поблиску до степен за оружје, иако официјално упати фатва за нуклеарно оружје.
Со оглед на тоа што САД и Израел ја нападнаа земјата двапати додека преговорите беа во тек (со веќе закажани следни состаноци), тврдокорните ирански функционери во парламентот го повикуваат режимот отворено да тргне кон нуклеарно вооружување.
На 12 јуни минатата година, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) процени дека залихите на Иран вклучуваат 440 килограми ураниум збогатен до 60%. Следниот ден, Израел го нападна Иран, убивајќи истакнати нуклеарни научници и значително оштетувајќи ја главната локација за збогатување на Иран.
„Виткоф слабо ги разбираше деталите, се фокусираше на погрешни поенти и немаше нуклеарна експертиза или тим за да ги процени иранските предлози“ вели Келси Давенпорт, Директорка на асоцијалица за нуклеарно неширење и контрола на оружјето.
Еден од предлозите на Техеран бил да „го разредат“ дотогаш збогатениот ураниум на пониски нивоа.
Полесно беше да ги бомбардираат, два дена подоцна.
Експерти предупредуваат дека знаењето и политичката волја на Иран за изградба на нуклеарно оружје веројатно нема да бидат уништени толку лесно.
„Не можете да уништите идеја, програма и знаење. Секогаш ќе има сомневање дека Иран прави нешто“, вели Франсоа Дијаз Морин. „Можеме да бидеме сигурни дека повеќе од кога било, сега Техеран има мотив да ја забрзаат програмата што ја имаат“.