Аспидистра - растението чија прилагодливост станала симбол на средната класа

Во Британија го имало во секоја респектабилна куќа, ставено во некој ќош колку да зазелени и често препуштено на милост и немилост, без некаква посебна грижа. Орвел го ставил дури и во наслов на негов роман, асоцирајќи на зачмаеноста и отпорноста на промени на средната класа, која иако без добри услови за живот си вели - „ќути, има и полошо“.

Ако пребарувате како се вика ова растение на македонски, ќе наидете на интересни наслови и реклами за него, како „Аспидистра - исклучително НЕПРЕТЕНЦИОЗНО собно растение“. 

Припишувањето на вакви човечки својства на растение не е необично, а во случајов е и многу точно. Затоа што цветното растение со потекло од Јапонија делува дека трпи сè - и да нема сонце, и да не се полева редовно и да дреме внатре. Ова во викторијанската ера значело да биде изложено на многу низок квалитет на воздухот поради користењето лампи на масло и јаглен. Тоа всушност и било единственото растение кое воопшто можело да опстои во такви околности, што после неблагодарно му се вратило со внесувањето на електричното осветлување, кога било заборавено. 

Симболот на аспидистрата бил толку познат што тoj станал и предмет на музичка сатира, како oваа под наслов „Најголемата аспидистра во светот“ од Грејси Филдс од 1938. Во неа таа раскажува за ваква билка која не се развивала баш добро додека нејзиниот брат не ја вкалемил со гранче даб, по што „шибнала како ракета кон небото“. Песната станала популарна па по неа била наречена радио антена, во тоа време најмоќна на светот, изградена 1942 во Сасекс, која пренесувала сигнали во Европа во текот на Втората светска војна. 

„Нека лета аспидистрата“ е роман-социјална критика на Орвел од 1930-тите, наслов што може и да се толкува како „Да живее средната класа!“. Во него главниот лик Гордон Комсток „објавува војна“ на важноста на парите со тоа што дава отказ на местото копирајтер за рекламна агенција, во која до тогаш има голем успех. Почнува да работи нешто за мали пари, а сето тоа за да има раат за пишување поезија. Нему му е мрско да работи за да живее, но ова наскоро му се одмаздува - се досадува како продавач во книжарница, а истовремено стандардот на живот драстично му опаѓа. Последица на тоа е што жените почнуваат да го одбегнуваат.

По две години „експериментален“ живот тој се жени со девојка од респектабилна фамилија, го фрла својот „магнум опус“ - долгата поема во ѓубре и се враќа во маркетинг агенцијата за да промовира нов производ - средство против усмрдени стапала. Да живее издржливата билка прилагодлива на секакви услови! Речиси како македонскиот пиреј. 

(фото: Аспидистра во Ботаничката градина на ПМФ, Скопје)

20 June 2025 - 10:10