- Службеничка во општина Кочани била удрена со шише по глава од советник кој со шишето сакал да мавне по друг советник.
- Непрецизниот насилник се вика Аки Акиов од Партијата за Демократски Просперитет на Ромите (ПДПР) кој претходно влегол во вербална расправија со советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Мирче Стојков.
- После зборовите „копеле, копеле“, Акиов тргнал физички да се пресмета со Стојков, градоначалникот влетал да го спречи ама Аки се фатил за шише.
- Премиерот Кир Стармер најави забрана за пристап до социјални медиуми во Британија за лица помлади од 16 години. Мерката треба да биде усвоена до крајот на оваа година и да почне да се спроведува од почетокот на 2027 година.
- Забраната ќе ги опфати платформите како Snapchat, TikTok, Instagram, Facebook и X. Ќе бидат изземени моделите специјализирани за образование или со содржини за деца.
- Roblox, најголемата платформа за игри во Британија нема да биде забранета за деца од 8 до 12 години, но ќе бидат ограничени функции за разговор.
- Владата, исто така, разгледува воведување „ноќен полициски час“ против бесконечно скролување на онлајн содржини за лица под 18 години. Повеќе детали за ова ќе бидат објавени во јули.
- Четботовите со ВИ дизајнирани да симулираат сексуални врски или улоги ќе мора да наметнат забрана за пристап на малолетни лица. Голем број платформи, вклучувајќи порнографски страници, веќе се обврзани да ги спроведуваат овие проверки.
- Претставници на Јутјуб, Снепчет, Фејсбук и Инстаграм оценија дека забраната нема да ја постигне целта за безбедност на тинејџерите на интернет, туку може да ги насочи кон „помалку безбедни“ платформи.
- Земјоделците и жителите во долината на Рио Гранде во Тексас се интензивно изложени на хербицидот паракват, кој е забранет во 74 земји поради ризик за здравјето на луѓето. Употребата на паракватот во САД е зголемена затоа што многу плевели се отпорни на другите хербициди.
- Беате Риц, епидемиолог од UCLA, открила дека луѓето кои живееле или работеле подолг период во близина на места третирани со паракват имале околу 90% поголем ризик од Паркинсонова болест.
- Новите истражувања укажуваат дека честички од паракватот во небезбедни концентрации може да се прошират на површина од 50 квадратни километри.
- Американската агенција за заштита на животната средина објави дека нема доволно докази за поврзаност на пациенти од Паркинсонова болест со изложеност на хербициди, но најави тестирање на состојбата во реални услови – процес што може да трае до две години.
- За Паркинсоновата болест нема лек и тешка е за дијагностицирање. Ги нарушува движењето, рамнотежата, говорот, расположението и способноста на болното лице да живее самостојно.