Јоко Шимoмура, жената што го отвори патот за композиторки во светот на гејмингот

Јапонската композиторка е првата авторка на музика за видеоигри која во април оваа година го доби престижното признание БАФТА фелоушип – еквивалент на награда за животно дело. Со тоа таа се приклучи на елитна група уметници како Алфред Хичкок, Стенли Кјубрик и Џон Бери. Ова признание е кулминација на 37-годишна кариера исполнета со иновации и безвременски мелодии за - видео игри.

Јоко Шимомура започнала како млада музичарка со класично образование. Иако сакала да компонира музика за филмови, неочекувано завршила во Капком – тогашен водечки јапонски производител на видеоигри. Нејзиниот влез во индустријата се случил во време кога видеоигрите не се сметале за „сериозна“ уметност, особено не музиката за нив. Дури и нејзините родители ја прашувале дали е тоа нешто од што може да се живее.

Иако индустријата била доминирана од мажи – особено на Запад – интересен факт е дека во Капком, голем број од нејзините колешки во одделот за звук биле жени. Ова ѝ дало поддршка и чувство на припадност во креативна, женска заедница, што било невообичаено за тоа време.

Првиот голем успех на Шимомура бил со Стрит Фајтер двојката (1991), каде нејзината задача била да создаде музика што одговара на секој лик. За таа цел, таа внимателно ги проучувала карактерите, нивната култура, потекло и сценографија, и потоа компонирала теми што го рефлектираат нивниот идентитет.

Откако ја напуштила Капком, Шимомура се приклучила на Сквер, студиото зад најголемите Ар-пи-џи (Role Playing Games) франшизи. Нејзината желба била да компонира музика што влече од класичната традиција, особено затоа што RPG игрите често се поставени во фантазиски светови инспирирани од средновековна Европа. Првата нејзина игра за оваа компанија била игра со девет сценарија, секое во различен историски или фантастичен контекст. Ова ѝ овозможило да експериментира со широк спектар на музички стилови, од традиционална до футуристичка музика, но и ја ставило пред предизвикот да се адаптира кон различни атмосфери.

Подоцна работела на „Паразит Ив“ (1998), мешавина од RPG и хорор, каде нејзината музика балансира меѓу класична оркестрација и електронски елементи. Иако имала креативна слобода, Шимомура изјавила дека дури со „Леџенд оф Мана“ (1999) конечно почувствувала дека може да создаде музика од нула, без ограничувања.

Во 2002, го компонира саундтракот за „Кингдом хартс“, игра која ги спојува световите на Фајнл Фантази и Дизни. Иако на почетокот играта не доживеала голем комерцијален успех, нејзината музика, особено темата „Дирли Билавед“, станала една од најпрепознатливите и најемотивни композиции во историјата на видеоигрите. За Шимомура, ова било пресвртна точка: тоа било првпат да ја повикаат за продолжение (Кингдом хартс двојка), што ѝ дало сигурност дека може да продолжи како независен композитор.

Музиката на Шимомура е жанровски разновидна – од класична до рок, од амбиентална до индустриска, од опера до поп. Нејзини композиции се изведувани од симфониски оркестри низ целиот свет. Нејзината работа ја промени перцепцијата за музиката во видеоигрите – од нешто маргинално, до форма на уметност вредна за највисоки признанија. Со својата упорност, талент и искрена љубов кон медиумот, таа не само што создаде незаборавни звуци, туку и трасираше пат за идните генерации жени-композиторки во гејминг индустријата.

20 јуни 2025 - 15:40