
(фото: Epa Images)
По првпат во 116-годишната историја на британското разузнавање, неговото раководство ќе го преземе жена – Блејз Метревели. Таа ќе го наследи досегашниот шеф сер Ричард Мур и ќе стане 18-ти директор на тајната служба позната како MI6 (Military Intelligence section 6).
Метревели, која е во службата од 1999 година, моментално е одговорна за секторот за технологија и иновации, каде што работи на развој на решенија за заштита на идентитетот на тајните агенти и за надминување на предизвиците што ги носи биометрискиот надзор, особено од земји како Кина. Таа изјави дека е горда и почестена што ќе ја предводи службата, која има клучна улога во заштитата на британската безбедност и интереси во странство.
Блејз Метревели има диплома по антропологија од Универзитетот Кембриџ и има работено и на високи позиции во домашната безбедносна агенција МI5. Поголемиот дел од кариерата го има поминато на Блискиот Исток и во Европа. Во 2024 година е одликувана со орден за заслуги за британската надворешна политика. Нејзиното назначување го поздравија и премиерот Киер Стармер и министерот за надворешни работи Дејвид Лами, кои го оценија како историски момент, особено во време кога улогата на тајните служби е поважна од кога било. Самиот Ричард Мур, кој ќе се повлече по пет години на функцијата, рече дека е целосно задоволен од изборот на Метревели, опишувајќи ја како извонредна разузнавачка и лидерка, со напредни идеи за технолошкиот развој.
Британската разузнавачка служба се соочува со сè покомплексни предизвици, и геополитички и технолошки. МI6 мора да се приспособи на доба кога огромен дел од информациите се собираат онлајн и преку сателити. И покрај тоа, клучната мисија на организацијата останува регрутација на човечки агенти кои ќе добиваат доверливи информации од непријателски режими и организации.
За разлика од филмовите за Џејмс Бонд каде шефот на МИ6 е „М“, во реалноста ознаката за оваа функција е латинично „C“. Шефот односно сега шефицата е единствениот јавен претставник на службата. Називот „C“ не значи „Chief“, туку потекнува од првиот шеф на британското разузнавање, капетан Менсфилд Каминг (Cumming), кој се потпишувал со таа буква, секогаш со зелено мастило - традиција што и денес ја следи директорот на МИ6. Иако „C“ нема таканаречена „лиценца за убивање“, законот предвидува можност Министерот за надворешни работи да одобри специфични дејствија кои во нормални услови би биле нелегални, меѓу кои и употреба на смртоносна сила – но тоа се прави по долга и строга правна процедура.
Во едно интервју од 2021 година, кога се претставувала под псевдонимот „Директорка K“, Метревели зборувала за разновидноста на современите закани – од заштита на владини тајни и економска шпионажа, до контра-атентати и сајбер безбедност. Според неа, руските државни активности и понатаму претставуваат сериозна опасност, а Кина е фактор што радикално го менува глобалниот поредок, со што отвора и можности и ризици за Велика Британија. Нејзиното назначување ја симболизира еволуцијата на разузнавачките служби во време кога не само безбедноста туку и технолошката и етичката комплексност на светот бараат нов тип на лидерство.