Што е тоа „корпоративна култура“?

Поимот е често користен, но прилично неодреден. „Економист“, во соработка со истражувачката и ВИ-фирма КалчрИкс, се обиде да го измери квалитетот на културата во 900 компании од 19 различни индустрии. Резултатите покажуваат дека иако често се опишува само како „добра“ или „лоша“, таа всушност се состои од многу различни аспекти. Впрочем како и секоја култура. 

Во најновиот број на „Економист“ се пренесуваат резултати од големо истражување, чија цел е да се дефинираат основните елементи на нешто што се нарекува „корпоративна култура“. Партнерот на списанието во истражувањето, фирмата КалрчИкс, како дел од методологијата ги анализирала анонимните коментари на вработените оставени на соодветна платформа. Наместо да ги земат предвид само оценките по одредени ставки, тие ги разгледувале текстуалните коментари, за позитивните и негативните страни на нивното работно место. За проектот биле користени податоци од јануари 2023 до април 2025.

Со помош на сопствен модел за обработка на природен јазик, коментарите биле групирани во повеќе од 200 теми, кои потоа биле сведени на девет главни: лидерство, поддршка, токсичност, рамнотежа помеѓу работа и живот, агилност (брза адаптација), отвореност, иновации, стратегија и транспарентност.

Некои од овие теми се прилично јасни, како што се лидерство или иновации, додека други се посложени. „Поддршка“ мери дали вработените чувствуваат дека нивните претпоставени се грижат за нив; „токсичност“ колку се толерира непочитување; „агилност“ ја мери способноста на фирмата брзо да реагира на пазарни промени; „отвореност“ значи колку слободно вработените можат да ги искажат своите мислења; „транспарентност“ значи колку добро се споделуваат информации во организацијата.

Истражувањето покажало дека доброто лидерство позитивно влијае на сите други аспекти од културата. КалчрИкс споредува колку често и позитивно вработените зборуваат за овие теми во различни компании и ги споредува резултатите со просекот во нивната индустрија. 

Иако вакви анализи се базираат на содржина создадена од корисници, тие имаат одредени заштити. За да не дојде до манипулација, платформата бара од корисниците да напишат рецензија за нивната компанија пред да можат да читаат туѓи. Еден вработен може да остави рецензија само еднаш годишно. Дополнително, се користат алгоритми за да се откријат сомнителни активности, како што се повеќе прегледи од иста IP-адреса или копирани текстови. Фирмата спроведува и свои проверки за да открие дали компании вештачки ги подобруваат оценките. Околу 5% од фирмите биле отфрлени поради вакви сомнежи.

Според Дон Сал, коосновач на КалчрИкс и професор на Ем-ај-ти, не е целта сите компании да следат ист шаблон на култура, туку да се разбере кои вредности им се важни на вработените и менаџерите и да им се помогне на луѓето да најдат работно место што одговара на нивните приоритети.

18 јуни 2025 - 16:35