Букбокс читанка: „Илина и шумските тролови“ од Хана Корнети

Има најмалку две причини за изборот на оваа читанка. Првата е прилично очигледна и егоцентрична - името на главниот лик. Втората има врска со жанрот, барем формално книга за деца и млади од домашен автор, каква до сега, и по повеќе од 15 години постоење на рубриката, не сме имале. 

Сите два пати кога сме се сретнале со Хана ми доаѓа да ја викам „Хана Настапче“ или да ѝ кажувам колку ѝ завидувам на фотките на Инстаграм кои оддаваат живот на светски патник и бонвиван-ка, а таа да вели дека „тоа само изгледа така“. Има такви игриви градски духови со кои би бил спремен да појдеш на авантура, не ирвинвелшовска, туку од оние старинските - марктвеновска - кајшто и најголемите предизвици би можеле да се надминат со малку интелигенција, тимски напор и сламка во уста. 

Нејзината „Илина и шумските тролови“ е токму таква приказна, за едно девојче и нејзината дружина, која ја следи цикличната шема, во книжевноста и фолклорот позната како мономит или „херојско патешествие“. Главниот лик, поттикнат од внатрешен импулс и надворешен повик, излегува од своето секојдневие и со помош на натприродни сили и магии надминува различни препреки за да стигне до конкретна цел. Откако истата ќе ја постигне, се враќа на почетната точка, но засекогаш променет.   

Илина е 10, накај 11-годишно девојче, чија фантазија и внатрешен креативен жар едвај чекаат надворешен поттик за да ризикуваат, да се одважат и уште повеќе да созреат. Така, кога при посета на шумска куќичка на писателка - пријателка на мајка ѝ - таа ќе наиде на Папрат, шумски трол чии другари се скаменети поради клетва, решава да му помогне. Во тоа ѝ помагаат другарите, н'рдот Пепи и хиперактивната Ники, кои сочинуваат тројство чиј столб е токму Хана. Има тука и гатачка што зборува на кумановски, и врани кои пренесуваат пораки како да се гулаби, теглички во кои се содржат бои, мириси и украдени соништа без кои не може ни да се пишува, а ни да се живее. Има цртани на телевизија и корнфлејкс, но нема Инстаграм, гејмање и мобилни како „кликбејт“ за читање. Ако сакаш приказна - еве ти, како да вели Хана, ако не - ти губиш. 

Последниве години во македонската книжевност се случува нешто што во блиска иднина можеби ќе биде означено како „Нов бран во литературата за деца и млади“, а кое е многу повеќе од просто копирање на комерцијално успешни наративи и ликови од светскиот пазар. Со оригинален графички дизајн, квалитетен печат и приказни прилагодени за различни детски возрасти, тие се причина за радост и надеж дека таквата понуда ќе поттикне нова генерација читатели. Таа генерација во книгите не бара забава, бидејќи неа во изобилство ја има на други места. Ако веќе читаат, тие очекуваат објаснувања, смисла, утеха, низ јазик кој им е близок и го разбираат, но без да бидат потценети. Пречката може и да се крене, па десетгодишни деца да велат, како во „Илина“, „доста го антагонизираш“ или да знаат кои се Френк Запа и Ник Дрејк. А про по последново, филмот според книгата што веќе го изгледавме во глава ќе има супеееер саундтрак, а место пуканки ќе се делат топки сладолед со вкус на летно попладне, во корнет. 

Илина, Букбокс

19 јуни 2025 - 10:21