Да не постоеле, хотелите, одмаралиштата, камповите и сличните контексти кои овозможуваат барем привремен соживот на поголем број луѓе, требало да се измислат за потребите на уметноста. Мал број локации нудат таков драматичен потенцијал - можност за нови почетоци, случајни средби, секс, смрт. Контрастите, кои инаку треба да се измислуваат и да се градат, тука се однапред дадени - разлики помеѓу гостите, кои се обединети во нивниот избор на сместување но инаку прилично некомпатибилни; помеѓу посетителите и вработените; и помеѓу љубезниот и професионален став на послугата и нивните задкулисни игри и мислења за гостите. Историјата на кинематографијата содржи вакви примери, но две нови серии, особено затоа што се појавија истовремено, повторно го актуелизираа ваквиот концепт.
„Белиот Лотос“ е сместен во луксузно одмаралиште, а „Девет совршени туѓинци“ во речиси надреална лековита бања. Во обата случаи овие места, наместо да овозможат слобода и удобност купена со многу пари, стануваат клаустрофобични, создавајќи чувство дека не постои свет вон хотелот, па оттаму дека нема шанса за бегство од замислениот „рај“. Токму на овој пресек се спојуваат ужасот и хуморот.
а слична карта игра и „Сјаење“ на Кјубрик кој се одвива во хотел вон сезона, каде хоророт поттекнува од морничав недостаток на други луѓе. Но „Фолти Тауерс“, една од омилените британски комедии со Џон Клис, се потпира на хаотичното присуство на голем број луѓе и тензиите кои произлегуваат од тоа.
Тензиите во двете спомнати нови серии растат како што се откриваат неочекувани врски помеѓу присутните, како во роман на Агата Кристи или затворска драма. Самата затвореност на еден простор ги упатува ликовите еден кон друг, а мистериозноста на нивната поврзаност ја зголемува клаустрофобијата.
Во „Делириумскиот Њујорк: ретроактивен манифест за Менхетен“ (1978), архитектот Рем Колхас ја анализира важноста на хотелите во Холивуд. Според него еден хотел од архитектот бара да се замисли заплет, со оглед на тоа што тој претставува „кибернетски универзум со сопствени закони, што генерираат случајни но силни судири помеѓу човечки суштества кои никогаш не се сретнале на друго место“. Ова важи за архитектурата, но и за сите други уметности кои го користат хотелот како топос без преседан.
И „Белиот Лотус“ и „Деветмина совршени туѓинци“ го спротивставуваат совршениот дизајн на околината со внатрешните кризи на ликовите. Тоа особено важи за втората серија, каде однапред се знае дека гостите се всушност пациенти дојдени тука за да ги излечат своите рани, од тага или поради зависност, но продолжуваат да ги кријат своие тајни. Но и во рајскиот „ризорт“ Белиот Лотус луѓето имаат време и услови за интроспекција, па доаѓаат до заклучоци кои и за нив самите биле тајни.
Том Стопард има кажано дека хотелската соба е „одделен морален универзум“. Тоа е место за повторно спојување или за анонимност, каде се губи секаква трага на присуство откако човек ќе се одјави. Хотелите се места за тивки битки, фарса, одмазда или помирување. Не е ни чудо што толку голем број писатели и сценаристи одлучуваат да ги сместат своите дела во нив.
извор