Боуви, Принс, Џорџ Мајкл минатата, Крис Корнел Сем Шепард, Честер Бенингтон оваа година. Нивната смрт поттикна поплава сентиментални изблици, од твитови и фејсбук статуси, до интимни есеи за влијанието на Х врз нечиј живот. И изгледа дека и покрај истрошеноста на ваквата репетитивна шема, таа нема намера да умре.
Зошто се чувствуваме приврзани, па дури и во интимна врска, со луѓе кои никогаш не сме ги сретнале? Дали луѓето колективно жалеле на времето по смртта на, на пример, еден Леонардо, или на еден Бетовен?
Психолозите објаснуваат дека иако нашата интеракција со славните личности е сè уште посредувана (од медиумите), тие во современоста се станати многу попристапни за нас, „обичните“, па оттаму и засиленоста на нашите чувства кон нив. Овие интеракции се нарекуваат „пара-социјални врски“, бидејќи во нив освен виртуелно нема ништо директно и реално поврзувачко со славната личност, а односот е главно еднонасочен.
Ваквата врска особено се засилува ако славниот покажува некаква ранливост (зависности, ментални пореметувања, љубовни маки), бидејќи тогаш е полесно да се идентификуваме со него, и неговите битки да ги доживуваме како свои. Но притоа сме на безбедно, бидејќи ем сме на пристојна физичка дистанца од она што реално му се случува, ем не сносиме никаква одговорност за неговите постапки. Накратко - фаќаме сеир, иако во случајов длабоко внесени во истото.
Ваквиот однос го задржуваме и по неговата смрт. Ако ни умре член од семејството од тоа ни произлегуваат обврски - достојно да го закопаме, да решиме куп финансиски и административни прашања. Кога ќе умре славна личност со тоа се бават нивните семејства, агенти и наследници, а ние ја следиме постапката како набљудувачи, кои го имаат луксузот само да тагуваат без да се занимаваат со ништо реално поврзано со загубата.
Во такви моменти културната конструкција на бесмртноста на славните одеднаш се руши како кула од карти. И тие се луѓе од крв и месо, и тие умираат. Низ соочувањето со овој факт ние се соочуваме и со нашата бесмртност, и некако се тешиме, дека не е важно што не сме славни и богати, бидејќи секако сите ќе умреме.
Но има и друг феномен, на обвинување на јавните личности за нивната сопствена смрт. Што е нејзината причина, и дали таа можела да се избегне? Зошто прерано нè напуштиле кога имале уште толку многу да (ни) дадат? Ако не се виновни тие, тогаш кој е крив?
Комплексните механизми преку кои сме повлијаени од смрт на славните ќе продолжи да се развива и да се интензивира како што дигиталната блискост култивира сè посилни чувства на поврзаност и идентификација со нив. Притоа тагата не е нешто што треба да се потисне или исмева, туку да се развива здрав однос кон луѓе кои реално не ги познаваме, па и кон нивното заминување.
Види и: Преку нив мртви