Во 13-тиот век терминот „плацебо“ не асоцирал на клинички испитувања, шеќерчиња во форма на таблети или што и да е поврзано со медицината. Наместо тоа, ако сте биле католички верник, тоа имало врска со Бог и со смрт.
Плацебо на латински значи „ќе задоволам“, и тоа е првиот збор на вечерната молитва на католиците која се кажува за починатите. Целосниот стих гласи: „Ќе го задоволам Бог во земјата на живите“. „Плацебо“ се користело и како референца на целата молитва.
Но во следниот век терминот добил и секундарна дефиниција - ако некој правел „плацебо“ тоа значело дека некому му ласка или кон него се однесува на сервилен начин (читај: му се упикува).
Плацебо така добил форма на именка, ласкавец или паразит. Прв во вакво значење во книжевноста го применил Џефри Чосер во својата книга „Приказната на трговецот“ (дел од неговите Кентербериски приказни), каде има лик Плацебо. Тој согласно своето име му го кажува на својот брат точно она што овој сака да го чуе, додека третиот брат кој исто така има симболично име Јустинус (Праведен) дава многу подобри совети.
Некако е логично што збор со вакво значење почнал да се користи во медицината, каде означува лекарство или третман кој треба да направи некој да се чувствува подобро, без оглед што нема медицинска моќ да го стори тоа. Во вакво значење се појавува во 18 век, во книгата „Терапевтски елементи“ на лекарот Ендрју Данкан. Сепак, помасовно се користи во 20 век, кога се појавува и „лошиот близнак“ на плацебото - ноцебо („Ќе направам штета“), што претставува медицински безвреден третман кој на пациентот му прави да се чувствува полошо.