Има луѓе што сонуваат на повеќе јазици, кои ги зборуваат и на јаве. Но има и такви кои во сон кажуваат дијалози на непознат, измислен јазик, или на таков кој го сретнале во будниот живот, но кој не го зборуваат. Како е ова можно?
Мултилингвалните соништа покажуваат дека наместо „риплеј“ на случајни јазични парчиња со кои сме се сретнале во текот на денот, нашиот мозок нив ги меша со секакви дневни грижи, спомени и проблеми. На пример, некој во сон може да зборува јазик што некогаш го зборувал во реалниот живот (на пример како дете), но само во соништа кои се однесуваат на тој период од животот. Други соништа можат да бидат поврзани со прашања на културата и идентитетот, како во случај со жена со тајландско-американско потекло, која сонувала како купува фустан за нејзината почината сестра и како се расправа околу изборот со нејзините внуки на тајландски и на англиски.
Има и анксиозни соништа, во кои говорникот се мачи да биде разбран на странски јазик, на пример треба да фати воз или авион но не го знае патот и во паника бара зборови во речникот. Во една полска студија учесничка изјавила дека сонувала како бара збор на англиски кој не го знаела (haphazard), а потоа навистина го изгуглала кога се разбудила. Учесник од Хрватска сонувал дека се обидува да комуницира со туѓинец на италијански, германски и англиски, пред и двајцата да сфатат дека зборуваат полски, по што се изнасмеале со олеснување.
Едно од објаснувањата за сонувањето на повеќе јазици е дека во нашиот ум постои некој вид магацин на зборови кои сме ги слушнале или прочитале, а кои понекогаш искрснуваат, и на тој начин ни ја освежуваат меморијата за нивното постоење. Но спиејќи можеме да учиме и нови зборови. Всушност, дури и во сон можеме да правиме разлика помеѓу лажен и реален јазик. Во едно истражување на учесници кои спиеле истовремено на едно уво им бил пуштан говор на нивниот мајчин јазик, а на другото псевдо-говор без никакво значење. ЕЕГ-то покажало дека мозоците на спијачите се фокусирале на вистинскиот говор, а го игнорирале другиот. Сепак, во длабок сон учесниците не го констатирале ни едното ни другото.
Во друга студија, на учесници кои не зборувале јапонски им биле пуштани јапонски зборови, заедно со звуци кои асоцирале на нивното значење. На пример, зборот „ину“ (куче) бил пуштан заедно со звук на лаење, а зборот „кане“ (ѕвонче) со звук на ѕвончиња. Кога учесниците се разбудиле можеле коректно да ги асоцираат зборовите кои ги слушнале во „лесната“ фаза на сонот, спарувајќи го зборот „ину“ со слика на куче. Оние зборови кои биле пуштани во РЕМ фазата на сонот не биле точно асоцирани. Накратко - и мозокот си знае кога му е доста од муабети, на каков и да е јазик.