Луѓето знаат да се засрамат или да се хронично срамежливи без оглед на пол, возраст и култура. Дури и најекстровертните знаат како е да застанеш испрчен пред група непознати и да треба да држиш некаков говор, или да бидеш несакан центар на внимание. Па сепак, културната историја на срамот до скоро не предизвикуваше големо внимание. До новата книга на културниот историчар Џо Моран, „Перде: тајниот живот на срамењето“ (на англиски насловот е Shrinking Violets, темјанушки односно срамежливи луѓе, ама не ни текнуваше соодветна растителна метафора од македонскиот).
Користејќи ги алатките на социјалната и културната историја, но истовремено со многу хумор и лични искуства од сопственото срамење, Џо Моран го анализира однесувањето на повеќе историски значајни личности, кои иако постигнале многу во сопствените области, социјално биле хендикепирани од интровертност и срам. На пример, Алан Туринг, татко на модерната компјутерска наука, е типичен модел за опис на ваквиот срамежлив табиет на граница на психијатриска дијагноза. Кога му бил нуден чај тој „се стресувал од страв“, а кога минувал покрај куќа на пријател, за да не му упадне ненајавено, оставал порака изгребана со стапче врз лист од дрво. Срамежливоста е уште покарактеристична за уметниците - славниот пијанист Глен Гулд толку се вознемирувал од јавни настапи што се пензионирал на 32 години, а Ник Дрејк по самоубиството зад себе не остави ниту еден видео запис и ниту еден концертен лог.
Идејата дека срамењето е всушност „повнатрешнет нарцизам“ или „ароганција со поинаков лик“ е главно погрешна. На оние срамежливите тоа им е секојдневен проблем, кој ги спречува да се социјализираат и да функционираат „нормално“ (што и да значи тоа). Таквиот вид однесување денес не се смета за патологија, но сепак е нешто на кое човек треба да работи за да го надмине, за да не го сметаат за нешто во палетата од ексцентрик до лудак. Истовремено, не треба да се западне и во другата крајност, дека зад секој срамежливко/а стои несфатен гениј, кој тивко плови во своите мисловни длабочини.
Вредноста на срамот за опстанокот на макро ниво на човечките суштества не е многу очигледна - во „џунглата“ преживуваат најагресивните, кои не се снебиваат и премислуваат околу своите постапки. Но можеби одредено количество срам е корисен антидот на избрзаните и непромислени постапки, кои можат да спречат катастрофи. Плус, како што вели старата народна, „Страмот го крепи човека“.