Норвешка има околу 5 милиони жители, што значи дека продажбата од половина милион копии од книга на домашен автор (колку што има продадено, на пример, Карл Уве Кнаусгорд) е на граница на урбана легенда. Но веројатно е вистина, со оглед на тоа што Норвешка има стопроцентна писменост на возрасното население, а и имајќи предвид дека речиси секој жител на оваа земја знае некого кој е „лик“ во неговите книги, најчесто наведен и со реалното име.
Но има и други елементи поради кои ваквата продажба на книги во земја како Норвешка е возможна. Како што пишува Њу Стејтсмен, со доза на завидливост, со оглед на нафтениот бум од седумдесетите, ова е една од најбогатите нации во светот, но истовремено и една од ретките „петродржави“ кои не страдаат од „клетвата на ресурсите“ - речиси без корупција и/или репресивен режим. И иако цените за туристите се неверојатно високи (40-50% повисоки отколку во Њујорк, на пример), за домашните високиот стандард подразбира куп привилегии.
На пример, сите државни универзитети се бесплатни. Државното финансирање на културата кое е великодушно овозможува сиот објавен материјал да биде депониран во Националната библиотека, која во моментов ја дигитализира целата своја збирка, за секој во земјата да може да го чита материјалот бесплатно онлајн, вклучително и она што е под авторски права (за овие материјали не е можно само симнувањето).
Постои тн. Уметнички совет на Норвешка кој откупува 1000 копии од сè што се смета за квалитетно издание, за да го дистрибуира до библиотеките. Оваа бројка за детски книги е уште повисока и изнесува 1550 примероци. Ова е вон буџетот на самите библиотеки, кои имаат дополнителни средства за набавки. Ваквата шема на откуп одржува во живот голем број мали издавачи кои инаку не би постоеле. Нејзин дополнителен ефект е тоа што авторите добиваат процент од продажбата (барем) на тие 1000 примероци, и тоа по подобри услови отколку според стандардните договори кои ги нудат издавачите. Плус, книгите кои се продадени на овој начин не се оданочуваат.
Големите попусти на нови книги е забрането, а ова ги заштитува продавачите на книги од сличните на Амазон. Истовремено тоа значи дека преку профитот од бестселери, кои инаку би биле и најподатни за попусти, се финансираат сите други книги (може да се каже дека Кнаусгаард на тој начин им овозможил на голем број автори да преживеат на пазарот).
Потврдени автори добиваат гарантиран месечен приход, генерално до пензионирање, а други можат да конкурираат за едногодишни до петгодишни стипендии. Ова на норвешката литература ѝ помага да обезбеди место рамо до рамо со светската, што е особен предизвик кога јазикот е читан од толку малку луѓе. Кнаусгаард веројатно никогаш не би ја напишал „Мојата борба“ доколку требало да преживее само од пазарната побарувачка за проза на Норвешка.